15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се заштеди на одмор - полн резервоар гориво, полн багажник...

Како да се заштеди на одмор – полн резервоар гориво, полн багажник храна

Со полн резервоар гориво и багажник храна на пат кон Грција. Најголем дел од Македонците вака заминуваат на одмор, особено во јуни и во септември кога и сместувањето е поевтино. На овој начин може значително да се заштеди а премногу да не се наруши комфорот и уживањето.

Намалено ДДВ – се очекува пад на цените

Пред две недели Грција го намали ДДВ-то за дел од прехранбените производи – стапката се спушти од 24 на 13%.

Цените во супермаркетите засега не се многу променети но се очекува намалување барем на дел од производите.

Данокот е помал за тестенини, шеќер, масло, какао, кафе, чај, сокови.

Помали се давачките и за угостителските услуги односно во таверните, рестораните и пицериите.

Природниот гас и струјата сега наместо со 13 се даночат со 6%.

Данокот на додадена вредност за конкретните прехранбени производи и услуги беше 13% до 20 јули 2015, кога како дел од пакетот антикризни мерки беше зголемен на 23%, а една година подоцна, од јуни 2016, се искачи за уште еден процентен поен на 24% со што беше меѓу највисоките во Европа.

Кои се цените во маркетите и рестораните?

Просечните цени во супермаркет во Грција сега се: леб – 0.7 до 1.2 евра, млеко (1 литар) – 1.1 до 1.6 евра, јајца (6) – 1 до 1.2 евра, кечап – 3 до 4 евра, мајонез – 3 до 4 евра, сенф – 1 до 2 евра, масло (1 литар) – 1.6 евра, јогурт – 2 до 4 евра, тестенини – 1 до 2 евра, брашно (1 килограм) – 0.6 евра, шеќер (1 килограм) – 1 евра, фета сирење (1 килограм) – 5 до 7 евра, кашкавал (200 грама) – 3 до 4 евра, салама (1 килограм) – 7 до 16 евра, домати (1 килограм) – 1.2 до 1.5 евра, краставица (парче) – 0.5 до 0.6 евра.

Цените во кафулињата и рестораните се на исто ниво неколку години. Секако тие зависат од локалот и неговата ексклузивност, но во просек се: гиро сендвич – 2 до 2.5 евра, гиро порција – 5 до 7 евра, суфлаки сендвич – 1.8 до 2.3 евра, пица – 5 до 12 евра, скара – 5 до 14 евра, риба – 6 до 60 евра, салати – 2 до 5 евра, пиво – 2 до 5 евра, сокови – 2 до 4.5 евра, вино – 2 до 22 евра, кафе – 1.7 до 4.5 евра, коктели – 7 до 10 евра, жестоки пијалаци – 2 до 6 евра, шише алкохол – 80 до 150 евра.

Ако се споредат овие цени со оние со вас лесно може да се заклучи дека секако е поисплатливо да се понесе барем дел од храната од дома.

Заштеда и до 20 евра со резервоар наполнет во Македонија

Горивото е значително поевтино во Македонија, па затоа е препорачливо резервоарот да го наполните до врв пред да ја напуштите земјава.

Грубите пресметки покажуваат дека на овој начин може да заштедите околу 20 евра.

Литар безоловен во Грција, според податоците од АМСМ, чини 1.56 евра, а во Македонија 1.15 авра, односно за да се наполни резервоар со 40 литри на грчка бензинска пумпа се потребни 62.4 евра, а на македонска 46 евра. Приближно истиот сооднос важи и за цените на дизелот и плинот.

Освен за гориво треба да се испланираат пари и за патарини и за траект, доколку одите на некој од островите. Патарините во еден правец од Скопје до Гевгелија чинат вкупно 180 денари, а во Грција околу 10-на евра, во зависност од крајната дестинација. Само до Солун патарината 1.8 евра.

Цените за траект драстично варираат, во зависност од локацијата, но најчесто се над 10 евра за автомобилот и над 3 евра за секој патник поединечно.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП