8 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: зошто за една година згаснале над шест илјади компании?

Анализа: зошто за една година згаснале над шест илјади компании?

За една година биле затворени 6.083 компании. Централниот регистар по службена должност избришал 3.603 фирми бидејќи не доставиле годишна сметка, немале електронска адреса или поради невпишан влог. Дополнителни 3.200 бизниси престанале да постојат поради ликвидација или стечај.

Акцијата за бришење по службена должност започна пред 4 години за чистење на регистрите од неактивни компании коишто подолг период не доставиле годишни сметки.

Најголем дел од избришаните фирми се од трговијата и услужните дејности.

Од друга страна, пак, со приближно иста динамика се отвораат и нови компании.

„Годинава, до денеска, се основани 2.637 деловни субјекти, а минатата година се регистрирани 7.378“ изјави директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски.

Според податоците на Централниот регистар вкупниот број на компании се зголемил за 543, тоа е разликата меѓу ново отворените и избришаните. Сепак, има региони во кои има намалување на бројот на активни деловни субјекти. Во Југозападниот лани бројот на фирми се намалил за 59, во Пелагонискиот за 51, во Источниот за 33, во Североисточниот за 26 и во Вардарскиот за 18.

До крајот на оваа година треба да биде ставен во функција т.н. регистар на вистински сопственици. Ова особено се однесува на компаниите од државите кои важат за „даночни раеви“. Секој граѓанин ќе треба да го информира Централниот регистар во кои домашни и странски фирми има учество, дури и кога тоа е помало од 5%.

„Тој подразбира обврска за секој потенцијален субјект да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор“ објаснува Бошковска Јанковски.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, во 2018-та во однос на 2017-та бројот на активни деловни субјекти се зголемил за 896. Разликата меѓу овие и бројките на Централниот регистар се должи на различната методологија.

Според ДЗС минатата година завршила до вкупно 72.315 активни компании, во најголем дел од секторите трговија (22.950) и преработувачка индустрија (8.033).

Според овие податоци лани се намалил бројот на компании во секторите земјоделство за 57, снабдување со вода за 5, трговија за 387, транспорт и складирање за 65 и јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување за 4.

Зголемување на бројот на компании има во секторите информации и комуникации за 167, други услужни дејности за 377, како и снабдување со електрична енергија и гас за 14.

Причините за затворањето на компаниите се различни од случај до случај, но најчесто се сведува на лошо планирање и менаџирање, објаснуваат економистите.

„Ако се погледнат податоците за бројот на блокирани сметки може да се заклучи дека неликвидноста е еден од клучните проблеми кој што се провлекува со години“ објаснува економистот Борис Попов. „Тоа е хроничен проблем на нашето стопанство но причините за затворање на компаниите не може да ги сведеме само на тоа“ вели тој.

Според податоците на Народната Банка, заклучно со 31 декември 2018-та во Македонија имало 82.029 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2017-та нивниот број е зголемен за 1.567.

Во истиот период имало 29.027 компании со блокирана сметка што е намалување за 1.238.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 236.764.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП