22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНово задолжување – каматите годинава „ќе изедат“ 149 милиони евра

Ново задолжување – каматите годинава „ќе изедат“ 149 милиони евра

Продолжува задолжувањето. Министерството за финансии планира неделава да запише државни хартии вредни 19.51 милиони евра односно 12 месечни државни записи во износ од 11.38 милиони евра, како и 5 годишни државни обврзници во висина од 8.13 милиони евра.

Според календарот за неделава е предвидено и раздолжување, но за пониска сума или за 9 милиони евра. Со тоа долгот дополнително се зголемува за околу 10 милиони евра. Во последните три месеци е зголемен за 40 милиони евра.

Според последните податоци, заклучно со 31 март, државниот долг изнесувал 4 милијарди и 343 милиони евра или 38.3% од БДП додека јавниот долг бил 5 милијарди и 242 милиони евра или 46.2% од БДП.

Од Министерството за финансии, пак, велат дека јавниот долг статистички бил намален за 2.3 процентни поени, односно во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани паднал од 48.5% на 46.2% од БДП. Ова е резултат на растот на БДП бидејќи во суштина, во апсолутни бројки долгот е зголемен од 5 милијарди и 202 милиони евра на 5 милијарди и 242 милиони.

„Владата води одговорна политика на јавен долг. Ако претходно јавниот долг беше брзорастечки и од 2008 до 2016 година порасна од 23% од БДП на 48.8% од БДП, сега, согласно последните податоци тој изнесува 46.2% од БДП. Стабилизацијата на долгот се должи на прудентните и успешни политики за менаџирање со долгот“ велат од Министерството за финансии.

Во буџетот за 2019-та година е предвидено е да се земат 556 милиони нови кредити а да се вратат 268 милиони како доспеани обврски. Со тоа вкупниот државен долг треба да порасне за 288 милиони евра или за 2.5% од Бруто домашниот производ.

Државата годинава само за камати ќе треба да плати 149 милиони евра што е за 17.9% повеќе од лани.

Според среднорочната фискална стратегија Владата предвиде да продолжи да се задолжува. Во документот стои и дека задолженоста ќе биде строго контролирана односно дека се планира нивото на јавниот долг да биде во одржливи рамки.

„На среден рок се очекува умерено зголемување на вкупниот јавен долг до 54.8% од БДП во 2020 година и потоа намалување на 53.8% од БДП во 2021 година, што е значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво на јавниот долг“ стои во среднорочната фискална стратегија.

Оваа Фискална стратегија е изготвена во август 2018-та и предвидува поголемо задолжување од документот што беше објавен во декември 2017-та. Претходно државата планираше долгот да достигне 53.5% од БДП до 2020-та а сега границата е поместена на 54.8%.

Јавниот долг континуирано расте веќе 10 години. Во 2008-та бил 1.55 милијарда евра или 23% од БДП, во 2013 година пораснал на 3.28 милијарди евра или 40.3% од БДП, а во 2018-та се искачи на 5.20 милијарди евра или 48.5%.

Најголем кредитор на домашниот пазар се пензиските друштва со удел од околу 40%. Само ним државата по основ на записи и обврзници им должи над половина милијарда евра Следуваат банките со удел од околу 35%, како и осигурителните компании со многу помал удел.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП