6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНов раст на минималецот? Бизнисмените негодуваат!

Нов раст на минималецот? Бизнисмените негодуваат!

Власта најавува ново зголемување на минималецот. За најдоцна три месеци најниската плата во државава треба да достигне 13 илјади денари. Експертите предупредуваат , а бизнисмените негодуваат – просторот за зголемување на платите при ова ниво на продуктивност е речиси целосно искористен.

Премиерот како дел од неговите предизборни активности го најави новиот раст на минималецот.

„Минималната плата, верувам дека ќе успее економско социјалниот дијалог, очекувам да ја покачиме на 13.000 денари од 1 јули. Во 2020-та година ќе има просечна плата од 30.000 денари или 500 евра. Спиралата на платите следете како ќе расте. Пензиите се покачени во просек за 826 денари, или 6%“ порача премеирот Зоран Заев од партиска трибина во Штип.

Преговорите се уште течат но бизнисмените, особено оние од трудоинтензивните сектори, негодуваат. Велат дека нема да можат да го издржат притисокот

„Минималецот не може да се одредува административно. За вистински да пораснат примањата мора да порасне и продуктивноста. Во спротивно сериозно се подрива конкурентноста на компаниите кои и сега заостануваат на ова поле споредено со земјите од регионот“ вели сопственик на текстилна фабрика од Штип.

Ако се покачат најниските плати ќе мора да се замрзнат повисоките, објаснува тој.

„Како да ги стимулираме подобрите работници кога сите пари со кои располагаме ќе мора ги насочиме кон најниско платените. Нема да остане ништо за бонуси и награди. Само ќе се приближат примањата на рабониците, ќе се воведе еден вид урамниловка“ вели тој.

Странските инвеститори веќе предупредија дека сега не е време за зголемување на најниската плата. Дури 40% од германските фирми кои работат овде сметаат дека тој годинава треба да остане замрзнат на 12 илјади денари. Дополнителни 40% сметаат дека има простор само за благ раст од 3 до 5%.

Анкетата на Делегацијата на Германското стопанство во земјава покажала дека лани продуктивноста се зголемила кај само 40% од компаниите.

„На прашањето колку месеци пред да се донесе одлука за зголемување на минималната плата Владата треба да ги информира стопанствениците? Дури 85% од анкетираните компании сметаат дека Владата треба да ги информира 12 месеци порано, а само 15 отсто сметаат дека 6 месеци се доволно“, се наведува во анкетата.

Дека нема многу простор за поголем минималец неодамна предупреди и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во посебна анализа за земјава. Во неа стои дека Македонија може да плати висока цена од понатамошно ад хок покачување на законски утврдената минимална плата, а тоа го поткрепува со посебна студија за влијанието на вакви мерки врз работната сила.

„Властите треба да се претпазливи со дополнително ад хок зголемување на минималната плата. И покрај неодамнешното поволно влијание врз минималната заработувачка, минималниот просек на платите во Македонија е на критичен праг, над кој понатамошните зголемувања може да бидат поврзани со негативни ефекти врз вработувањето на младите и неквалификуваните работници“, стои во анализата.

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси седум години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Владата последен пат ја зголеми минималната плата пред една и пол година и ја утврди на сума од 12.000 денари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП