Во моментов живееме пеколно жешки денови, а според метеоролозите, температурите до крајот на неделава ќе достигнат над 40 степени Целзиусови.
Жителите се подготвуваат за нов топлотен бран со неизбежно вклучување на клима-уредите – дома, во канцелариите, продавниците и во институциите.
Последицата? Сметките за струја ќе бидат повисоки од вообичаено, а енергетскиот систем е веќе на нозе за да одговори на зголеменото користење.
„Секое лето исто – климата не се гаси! Веќе не гледам колку ќе платам, гледам само како да преживеам. Немаме изолација, станот ни се загрева како рерна. Со две пензии живееме четворица, ама кога е 39 степени, не се штеди. Ако не врти климата, ќе завршиме во итна помош“, вели Љубица Петровска, пензионерка од скопски Карпош.
Од државната компанија ЕСМ информираат дека е во тек максимална мобилизација на капацитетите. Иако хидроелектраните произведуваат со намален капацитет поради нискиот водостој, состојбата не е критична.
„Моментално производството од хидроелектраните е околу 50 проценти од резервите, што е задоволително ако се има предвид сушниот период“, информираат од ЕСМ.
Поради зголемената потрошувачка, двата блока на РЕК „Битола“ се ставени во функција, како и ветерните турбини во Богданци. Струјата од термоцентралите и обновливите извори ќе се користи за балансирање на потрошувачката и избегнување на евентуален увоз на електрична енергија по повисоки цени.
Експертите предупредуваат дека клима-уредите, ако се користат непрекинато и без одржување, можат да доведат до високи сметки, но и до дефекти во мрежата.
„Советуваме граѓаните да ја користат климата рационално – да постават температура не пониска од 25 степени, да ги затвораат прозорците и вратите и да не ја оставаат вклучена кога нема никој дома“, вели енергетскиот консултант Мако Николов.
Од друга страна, трговците и угостителите не штедат – нивните клими вртат нонстоп. За нив, клиентот треба да добие комфор и ладен воздух.
„Во локалот е 22 степени, не смееме да ризикуваме гости да ни избегаат поради горештина. Да, струјата е скапа, ама не смееме да изгубиме работа поради неа“, вели Даниел, сопственик на кафеана во центарот на Скопје.
Според проценките, за време на топлотните бранови потрошувачката на електрична енергија се зголемува и до 30 отсто во однос на просекот. Доколку температурите продолжат да се движат околу 40 степени и наредната недела, можно е дополнително ангажирање на производствени капацитети или увоз.
А додека струјомерите се вжештуваат, граѓаните, и покрај жешката атмосфера, се обидуваат да останат ладнокрвни – барем додека не пристигнат сметките.
Б.З.М.