30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: извршителите досега наплатиле над милијарда евра!

Анализа: извршителите досега наплатиле над милијарда евра!

Откако беа формирани пред 12 години извршителите наплатиле над 1 милијарда евра од граѓаните и компаниите. Досега на два пати беше намалена моќта на извршителите, а беа намалени и нивните награди. Во земјава на крајот на минатата година имало над 82 илјади граѓани и 29 илјади компании со блокирани сметки.

Блокирани сметки: повеќе граѓани, помалку компании

Заклучно со 31 декември 2018-та во Македонија имало 82.029 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2017-та нивниот број е зголемен за 1.567. Во истиот период имало 29.027 компании со блокирана сметка што е намалување за 1.238.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 236.764.

Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка.

Извршителите наплаќаат стотици милиони евра годишно

Според последниот извештај на Комората на извршители кој се однесува на 2017-та, таа година сите извршители заедно од граѓаните и фирмите наплатиле 166 милиони и 224 илјади евра.

147.2 милиони биле наплатени во име на компаниите, 16.5 милиони во име на граѓаните а околу 3 милиони во име на државата.

„Ова претставува рекорден број на наплатени средства во дванаесет годишното работење на извршителите“ се наведува во извештајот од Комората.

Во 2016-та биле наплатени 118 милиони и 964 илјади евра, Во 2015-та сумата достигнала 107 милиони и 646 илјади, а во 2014-та 107 милиони и 876 илјади евра.

Во последните 12 години, откако беа формирани, извршителите наплатиле вкупно 1 милијарда 115 милиони и 294 илјади евра!

Најмногу долгови наплатени во Скопје, најмалку во Гостивар и Кичево

Извршителите во 2017-та најмногу пари наплатиле на подрачјето што го покриваат основните судови Скопје 1 и 2, дури 94.5 милиони евра. По ова следат Струмица и Радовиш со 13.1 милиони, па Штип и Свети Николе со 11.3 милиони.

Најмалку пари биле наплатени на подрачјето на основните судови Прилеп и Крушево односно 2.7 милиони, па Гостивар и Кичево со 3.2 милиони и Куманово, Крива Паланка и Кратово со наплатени 4.4 милиони евра.

Процентот на реализација односно наплатените во однос на побаруваните долгови е највисок во Штип и Свети Николе (24.7%), потоа во Битола и Ресен (22.9%), како и во Прилеп и Крушево (22.4%).

Најниска реализација има на подрачјето што го покрива основниот суд Тетово (8.2%), потоа Гостивар и Тетово (9.5%) како и Куманово, Крива Паланка и Кратово (14.5%).

Вкупната реализација на ниво на целата држава е 15.02%

Блокираат сметки но можат и да запленат движен имот

Доколку подолго време нема прилив на блокираните сметки законот дозволува извршителите да запленат дел од имотот на должникот, но има строги правила што и како може да биде одземено.

Телевизори, клима-уреди, машини за перење алишта и садови, микробранови печки, лустери, килими, троседи, двоседи, се најчестите предмети кои извршителите ги изнесуваат од домовите на граѓаните – должници. За наплата на долг може да се земат и бунди, вредни уметнички слики, златен накит, сребрен есцајг, мебел со антиквитетска вредност, музички инструменти.

Од домовите на граѓаните не смее да се земе се. Законот за извршување пропишува дека не смее да се одземат облека, обувки, долна облека и други лични предмети, постелнина, садови, мебел, шпорет, ладилник и друго со вообичаена вредност, потребно за задоволување на основните потреби за домаќинството. Не смее да се запленува ниту храна и огрев во залихи за три месеци, ортопедски помагала и слично.

Кога влегуваат кај должниците извршителите имаат и полициска придружба, проценител, носачи, а сето тоа се плаќа.

„Ќе се попишат онолку предмети колку што е потребно за намирување на доверителовото побарување и на трошоците на извршувањето. Првенствено се попишуваат предметите во поглед на кои нема забелешки за постоење на правото кое би го спречувало извршувањето и предметите кои најлесно можат да се претворат во пари, при што за тоа ќе се земе предвид и изјавата од присутните странки и од третите лица… Извршување врз подвижни предмети се спроведува со попис, процена, пленидба и продажба на предметите и намирување на доверителот од износот добиен со продажбата“ стои во законот за извршители.

Намалени наградите за извршителите

Лани беа донесени измени на законот со кои се намалија трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани се ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда е 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари.

Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците. За 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа се целосно бесплатни.

Некои ставки се намалени до 50 отсто, некои дури и повеќе од 50 отсто. На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови.

Колку вистински омекнаа извршителите?

И пред две години имаше релаксирање на работата на извршителите. Тогаш стапија во сила нови, помеки правила по кои постапуваат.

Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП