26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата: солиден раст, но македонскиот работник останува на европското дно

Просечна плата: солиден раст, но македонскиот работник останува на европското дно

Просечната плата во Македонија за една година порасна за 2%, а за една деценија за дури 20%. Сепак, ова и не е толку многу споредено со дел од земјите во регионот, а работникот овде останува речиси на европското дно според личниот доход.

Просечната плата пораснала за 20% за една деценија

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за 20%.

Просечната плата во 2010-та била 20.330 денари, во 2014-та 21.327, во 2016-та 22.254, во 2018-та 24.025 и во 2019-та 24.517 денари.

Од друга страна во Бугарија платите за последните десет години (од 2009 до 2018 година) пораснале за неверојатни 87%.

Во Романија платите пораснале за 34%. Следат Полска со 30%, Латвија 21%, Литванија Словенија и Естонија со 20% и Чешка со 17%.

Десет земји доживеале пад на реалните просечни плати. Грција со 23%, Хрватска со пад од 11%, Кипар 7%. Во  Португалија, Шпанија и Италија платите паднале за еден или два проценти додека во Белгија и Финска стагнираат.

Македонија на дното во Европа според платите

И покрај солидниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 24.517 денари односно 399 евра зад нас се само неколку држави.

Споредбената анализа на официјалните податоци на државните статистики покажува дека најниска плата имаат жителите на Украина, 310 евра. Нешто подобро стојат Албанија со 347, Молдавија со 364, Белорусија со 406. Следи Македонија со 419. Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 443 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат по 463, во Црна Гора 513, во Хрватска 844 и во Словенија 1.092 евра месечно. Овие податоци се однесуваат на декември 2018-та година.

За една година платата пораснала за 2.0% а трошоците на живот за 1.4%

Просечната плата за една година пораснала за 2.0% и во јануари 2019-та изнесувала 24.517 денари

Најголем годишен пораст од 15.5% има во секторот управувачки дејности, потоа од 14.6% кај канцелариско – административни дејности, како и од 13.0% кај вадење на други руди и камен, од 11.4% кај здравствена заштита, од 11.0% кај производство на моторни возила.

Драстично намалување од дури 77.5% има во секторот спортски, забавни и рекреативни дејности. Пад има и кај правни и сметководствени дејности од 16.8%, маркетинг од 8.6%, телекомуникации од 6.0%, информативни услужни дејности од 4.8%, кај заштитни и истражни дејности од 4.1%, обложувалниците и казината од 2.9%.

Од друга страна за една година трошоците на живот се зголемиле за 1.4%. Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во март 2019-та во споредба со истиот месец од претходната година најмногу поскапеле цигарите и алкохолот (8.6%), потоа храната и пијалаците (2.9%), трошоците за здравје (2.9%), рекреација и култура (2.2%), ресторани и хотели (1.9%), мебел и покуќнина (1.2%). Од друга страна намалување на трошоците има кај транспорт (-2.8%), облека и обувки (-1.7%), комуникации (-1.3%), образование (-0.5%), комуналии (-0.1%), останати стоки и услуги (-0.1%).

Гледано по одделни категории најмногу поскапел зеленчукот за дури 28.5% како и цигарите за 11.9%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП