7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаместо да го загадува воздухот, оризовата слама во Кочанско ќе ја чисти...

Наместо да го загадува воздухот, оризовата слама во Кочанско ќе ја чисти отпадната вода

Секоја есен, веднаш по жетвата на оризот кон крајот на октомври, па сè до пролет, пред новата сеидба во средината на април, кај земјоделците во Кочанско во изминатите години стана навика да ги палат оризовата слама и остатоците од сува трева, како дел од подготовките на земјоделските површини за новата производствена сезона. Таквата постапка, иако противзаконска и недозволена, е една од главните причини за загадувањето на воздухот во Кочанската Котлина, поради што граѓаните оправдано реагираат и бараат од надлежните да преземат мерки за да се спречи нарушувањето на еколошкиот баланс.

Облаците од црн чад што се издигаат од нивите, заедно со пламените јазици носени од ветрот, често се закана и за станбените и други објекти во близина, но и за овошните и лозовите насади. Исто така, загрозени се и учесниците во сообраќајот, со оглед што огнот лесно преминува преку локалните и магистралните патишта и може да биде причина за несреќи со сериозни последици.

-Само во февруари годинава имавме 64 интервенции на терен, што е трипати повеќе во споредба со истиот период во изминатите години. Со тоа поставивме сопствен неславен рекорд на месечно ниво, а најголем број интервенции беа за гаснење пожар на отворен простор, односно запалени слама и стрништа. Како дополнителна илустрација за загрижувачкиот тренд е што минатата година нашата противпожарна единица ја заврши со вкупно 338 интервенции, што е за една четвртина повеќе од претходниот едногодишен период и е рекорден број во споредба со просекот од изминатата деценија. Имавме и трагичен случај во кој настрада жител на Оризари при обидот да го запали стрништето во нивата. За жал, ниту нашите апели ниту законските одредби и високите казни за лицата кои палат оган на отворено не помагаат да се намали интензитетот на пожарите во полињата, истакнува Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица во Кочани.

Како едно од можните решенија за проблемот во локалната самоуправа на Кочани ја промовираа идејата за искористување на оризовата слама во процесот на пречистување на отпадната вода од канализациската мрежа во градот и околните населени места.

-Предлогот дојде од претставници на Амбасадата на Швајцарија, чија влада ја финансира изградбата на станицата за пречистување на отпадните води во Кочани. Ние го прифативме таквото размислување и веќе контактиравме со министерствата за земјоделство и за животна средина, за да најдеме законска рамка во која би се вклопило решението на проблемот. Целта е да се обезбеди редовно собирање на сламата од оризот, при што се разгледуваат неколку варијанти за да ги натераме земјоделците да се вклучат во постапката. Нашите размислувања одат кон тоа да се дава извесен надоместок за оние кои ќе ја предаваат сламата или, пак, исплатата на субвенциите за оризот да биде условена со нејзино собирање. Засега целата постапка е во фаза на разгледување, но се надеваме на брзо и ефикасно решение, вели Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Поддршка за предлогот доаѓа и од комуналното претпријатие „Водовод“, во чија надлежност ќе припадне пречистителната станица што се гради кај селото Мојанци.

-Во дел од технолошкиот процес за филтрирање на фекалната и другата отпадна вода од колекторскиот систем во општината предвидено е да се користи оризовата слама. Се работи за метод со кој како краен продукт ќе се добива компост, односно органско ѓубре, што потоа повторно може да се искористи во земјоделското производство. Како еден од можните начини да се мотивираат земјоделците да ја предаваат сламата е без надоместок да добијат ѓубре во соодветен сооднос на предадените количини. Важно е да се каже дека капацитетот на пречистителната станица е димензиониран за 65 илјади еквивалент жители, односно освен Кочани, може да се приклучи и канализациската мрежа од соседната Виница, што значи дека во процесот на филтрација на годишно ниво има потенцијал да се искористат и до 60 отсто од сламата што останува по жетвата на оризот во регионот, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Во подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани сметаат дека се работи за одличен проект, со чија реализација не само што ќе се постигне еколошки ефект туку ќе има и други придобивки.

-Нашите пресметки се дека по жетвата на оризот се добиваат околу 4,6 тони слама по хектар, од кои во сточарството годишно се искористуваат од 8.500 до 9.000 тони, а остатокот од над 11.000 тони е слободна биомаса. Овие податоци се однесуваат на површини од околу 3.000 хектари со ориз, а ако тие се зголемат за двојно, како што беше пред неколку децении, тогаш за толку ќе порасне и биомасата што останува на нивите по секоја жетва. Дополнително, приближно толкави количини слама остануваат и по жетвата на пченицата и другите житни култури. Ако со користењето на сламата во пречистителната станица се спречи нејзиното палење во нивите, не само што осетно ќе се намали загадувањето на воздухот туку и ќе се спречи уништувањето на природните живеалишта на живиот свет во регионот, а ќе се намали и деградацијата на хранливиот слој на почвата, вели Горан Миладинов, раководител на подрачната единица за земјоделство.

Земјоделците кои произведуваат ориз се подготвени да соработуваат во проектот за собирање на сламата, но освен економска исплатливост, очекуваат и соодветна техничка поддршка.

-Предлогот е прифатлив за нас, но останува отворено прашањето како ќе се организираат прибирањето и транспортот на сламата. Најголем број земјоделци немаат механизација за собирање од нивите и нејзино балирање, а дополнителен трошок ќе биде и носењето до пречистителната станица или до соодветен собирен пункт. Мора да се најде начин за финансиска оправданост на постапката, за да може да се мотивираат луѓето да се вклучат во неа, па постепено да се создаде навика и да се издига јавната свест, оценува Војчо Манилов, земјоделец од Спанчево.

Пред неколку децении сламата се користеше како суровина за добивање целулоза во поранешната фабрика за хартија во Кочани, но по нејзиното финансиско пропаѓање и ликвидирање, огромните количини балирана слама исчезнаа од фабричкиот круг. По купувањето на капацитетот од страна на бугарскиот инвеститор „Пејпер мил“, производниот процес е обновен, но сламата не се употребува. Сепак, се подготвува друг проект за нејзино искористување.

-За нашето производство користиме рециклирана хартија, односно готова целулоза, така што погонот за сламена целулоза на поранешната фабрика не е во функција. Во меѓувреме, во напредна фаза е проект за користење на сламата како суровина за добивање топлинска енергија, односно за пареа што е потребна во технологијата за производство на хартија. Исто така, дел од овој проект е нејзиното искористување за производство на електрична енергија, па доколку тој биде прифатен и одобрен од надлежните во државата, тогаш сериозно ќе придонесеме во напорите за заштита на природната средина. Со предвидениот капацитет ќе може да се користат сите количини оризова, пченична и друга слама, не само од Кочанско туку и од соседните општини, вели Гоце Серафимов, директор за развој во „Пејпер мил“.

Пречистителната станица за отпадни води кај Мојанци е во завршна фаза на изградба и за околу еден месец комуналното претпријатие „Водовод“ треба да го изврши техничкиот прием. Нејзиното ставање во функција се очекува во текот на летниот период, откако ќе бидат довршени двата главни цевковода.

Жителите на Кочани и соседните населени места очекуваат дека конечно, уште од оваа есен, сламата од оризот, наместо да го загадува воздухот, ќе ја прочистува водата од канализацискиот систем, а потоа ќе се користи и за органско ѓубрење во земјоделството.

Тони Ајтовски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП