6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: земјоделство – раст на производството но и на увозот

Анализа: земјоделство – раст на производството но и на увозот

Податоците на Државната статистика покажуваат дека е зголемен бројот на говеда и кози, но е намален на свињи и живина. Раст има и кај растителното производство. Сепак, земјоделскиот сектор има сериозни проблеми – приносот по хектар е помал во однос на земјите во регионот, половина од нивите остануваат необработени, а Македонија троши стотици милиони евра за увоз на храна.

Повеќе говеда и кози, помалку свињи и живина

Во Македонија има 256.181 говедо. Нивниот број во 2018-та во однос на 2017-та е зголемен за 0.9%.

Благо зголемување од 0.9% има и кај овците чиј број достигнал 726.990.

Раст од солидни 9% има кај козите кој лани броеле 117.447.

Од друга страна бројот на свињи е намален за дури 12% и на крајот на минатата година изнесувал 195.538.

Намалување од 2.2% има и кај живината која според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) брои 1.828.287.

„Загрижувачки е трендот на намалување на живината кој се провлекува со години, но охрабруваат податоците за раст на говедата и овците. Сепак, Македонија има многу поголем потенцијал за развој на сточарството кој засега останува неискористен“ смета објаснува Петар Станоевски, агро економист.

Повеќе млеко, помалку месо

Според ДЗС во 2018-та биле произведени над 404 милиони литри кравјо млеко што е за 2.6% повеќе од 2017-та, 36.5 милиони или 3.4% повеќе овчо млеко, како и 22.8 милиони или 18.7% повеќе козјо млеко.

Производството на јајца било намалено за дури 19.1% и изнесувало речиси 182 милиони парчиња.

Минатата година производството на говедско месо изнесувало 4.381 тон што е за 5.5% помалку, на свинско било 12.929 тони или 2.3% помалку, на овчо било 3.446 тони или 0.7% повеќе, а на живина 1.499 тони или 12.6% помалку.

Вкупното производство на месо лани било помало за 2.7% и изнесувало 22.255 тони.

„Овие бројки се очекувани со оглед на неконкурентноста на македонското сточарство. Килограм пилешко или говедско произведен кај нас е 20 до 30% поскап отколку во Србија или Словенија, а да не споредуваме со Бразил или Аргентина чие месо буквално го преплави нашиот пазар. Ова е резултат на помалата продуктивност на храната за добиток и живина но и на самиот процес на одгледување кој што не ги применува современите стандарди“ објаснува Станоевски.

Зголемено растително производство

Кај растителното производство ДЗС мери зголемување во речиси сите категории.

Минатата година биле набрани 19.732 тони ориз или 15.5% повеќе, 25.547 тони тутун или 11.6% повеќе, 181.931 тон компир или 1.7% повеќе, 161.621 тон домати или 1.2% повеќе, 182.872 тони пиперки или 4.4% повеќе, 54.314 тони краставици или 5.4% повеќе.

Фантастичен раст има кај овоштарството. Лани биле набрани 5.824 тони цреши или 43.4% повеќе, 10.538 тони вишни или 139.1% повеќе, 140.296 тони јаболка или 223.5% повеќе, 8.055 тони круши или 59.4% повеќе, 37.719 тони сливи или 111% повеќе, 13.128 тони праски или 14.1% повеќе и 4.826 тони ореви или 106.2% повеќе.

Намалување има единствено кај производството на сончоглед кое изнесувало само 3.379 тони или 45.3% помалку.

„Зголеменото производство лани пред се е резултат на добрата клима. Годината се погоди особено за овоштарството па имавме хипер продукција. Да не заборавиме дека поради ова имавме сериозен проблем со пласманот особено на јаболката, бостанот па дури и пиперките“ вели агро економистот Станоевски.

Светот напредува, Македонија стагнира

Приносите по хектар варираат од сезона до сезона, пред се поради различните временски услови. Но, просекот во светски рамки има тенденција на постепен раст, а кај нас останува речиси непроменет.

Така, ДЗС во 2017-та приносот од хектар засеан со пченица бил 2.746 килограми, а во 2007-та бил 2.402 килограми. Најдобра реколта имало во 2016-та кога биле ожнеани 3.838 килограми. Ако се извади просек за изминатите десет години се доаѓа до 3.115 килограми годишен принос.

Од друга страна, според податоците на ОЕЦД, просекот на ниво на Европската Унија е 5.800 килограми по хектар. Во Србија достигнува 6.173, во Бугарија 4.819, во Албанија 4.716 и во Грција 4.145 килограми по хектар. Најдобро рангиран во светски рамки е Нов Зеланд со дури 9.000 килограми или речиси три пати повеќе од Македонија.

Светската Банка, пак, пресметала дека во изминативе 10 години просечниот принос на пченица на глобално ниво се зголемил од 3.306 на 3.966 килограми по хектар.

Ако се споредува производството на оризот и пченка разликите меѓу Македонија и светот се уште поголеми.

Половина ниви неискористени и необработени

Во 2018-та во однос 2017-та вкупните земјоделски површини биле помали за 0.1% и изнесувале 1.264.139 хектари.

Засеаните површини биле поголеми за 0.7% и изнесувале 278.908 хектари. Кај житата има зголемување од 3.3%, кај фуражните посеви од 2.8%. Од друга страна индустриските посеви биле помали за 16.4%, а градинарските за 1.5%.

Сепак, илјадници хектари остануваат неискористени. Вкупната површина на обработливо земјиште изнесува 518.740 хектари, а се обработуваат 278.908.

„Необработени површини има низ целата држава, но најголем дел од нив се во ридско – планинските подрачја каде населението е речиси целосно иселено. Имаме стотици запустени села, а земјиштето околу нив е обраснато со трње и треви. Тоа е огромен неискористен потенцијал. Проблемот не е од пред година или две, проблемот се провлекува со децении и за да се реши е потребна сериозна стратегија која засега ја немаме“ вели Петар Станоевски, агро економист.

Стотици милиони евра за увоз на храна

И покрај зголеменото производство во повеќето земјоделски сектори, Македонија станува се позависна од храна од странство – увозот има континуирана тенденција на раст.

Само минатата година за оваа ставка се одлеале фантастични 628 милиони евра што е нешто над 8% од вкупниот увоз. Дополнителни речиси 82 милиони се потрошиле за пијалаци и тутун.

За десет години увозот на храна се зголемил за 180 милиони евра, во 2008-та бил 424 милиони, а во 2018-та достигнал 605 милиони.

Од друга страна извозот на храна лани бил 319 милиони, а дополнителни 194 милиони биле инкасирани од пијалаци и тутун.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот расте многу побргу од извозот, заради што дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува.

Се извезува свежо, се увезува преработено

Ако се анализира структурата на извозот и увозот на храна, се доаѓа до заклучок дека над 50% од извозот се должи на свежо овошје и зеленчук, додека најголеми увозни ставки се месо, жито, овошје и зеленчук и млечни производи.

„Проблемот не треба да се лоцира само кај примарното производство туку особено кај преработувачката индустрија. Ние извезуваме свеж зеленчук и овошје а потоа трошиме милиони за да увеземе замрзнат или конзервиран. Ова се провлекува уште од времето на СФРЈ. И тогаш нашите домати одеа за Словенија, за овде да се вратат како кечап. Потребни се сериозни структурни промени“ изјави неодамна агро економистот Тања Соколовиќ.

Десетици милиони евра годишно се одлеваат од земјата за увоз на конзервиран или замрзнат зеленчук и овошје. Само лани за увоз на конзервиран зеленчук и овошје сме потрошиле 31.4 милиони евра. Вредноста на замрзнат грашок кој сме го увезле изнесува 713 илјади евра, а увозот на замрзната боранија 350 илјади евра, додека за замрзната пченка сме потрошиле 167 илјади евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП