5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: се намалува бројот на нови компании – кои сектори се најпримамливи...

Анализа: се намалува бројот на нови компании – кои сектори се најпримамливи и најиздржливи?

Податоците на Централниот регистар, но и на Државниот завод за статистика покажуваат дека сè повеќе фирми се отвораат во скопско, но нивниот број се намалува во охридско и во битолско. Лани имало над 70 илјади активни деловни субјекти.

Сè повеќе фирми во скопско, сè помалку во охридско и битолско

Во 2018-та година се отвориле вкупно 7.364 нови компании што е за 6.7% помалку во однос на 2017-та. Најмногу нови бизниси биле започнати во секторите трговија, услуги и технички и научни дејности.

По региони најмногу компании се основани во Скопскиот (3.164). Следат Полошкиот (865), Пелагонискиот (775), Југозападниот (720), Југоисточниот (539), Источниот (484), Вардарскиот (440) и Североисточниот (377).

Во 2018-та година биле затворени вкупно 6.821 компанија што е за 35% помалку во однос на 2017-та кога биле затворени 10.577.

Во оваа сума влегуваат и фирмите кои се затвораат на нивно барање (3.505) и оние кои се бришат по службена должност (3.316) како дел од акцијата која започна пред 4 години за чистење на регистрите од неактивни компании коишто подолг период не доставиле годишни сметки.

Најголем дел од избришаните фирми се од трговијата и услужните дејности.

Според овие податоци од Централниот регистар вкупниот број на компании се зголемил за 543, тоа е разликата меѓу ново отворените и избришаните.

Сепак, има региони во кои има намалување на бројот на активни деловни субјекти. Во Југозападниот лани бројот на фирми се намалил за 59, во Пелагонискиот за 51, во Источниот за 33, во Североисточниот за 26 и во Вардарскиот за 18.

Над 70 илјади активни деловни субјекти

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, во 2018-та во однос на 2017-та бројот на активни деловни субјекти се зголемил за 896. Разликата меѓу овие и бројките на Централниот регистар се должи на различната методологија.

Според ДЗС минатата година завршила до вкупно 72.315 активни компании, во најголем дел од секторите трговија (22.950) и преработувачка индустрија (8.033).

Според овие податоци лани се намалил бројот на компании во секторите земјоделство за 57, снабдување со вода за 5, трговија за 387, транспорт и складирање за 65 и јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување за 4.

Зголемување на бројот на компании има во секторите информации и комуникации за 167, други услужни дејности за 377, како и снабдување со електрична енергија и гас за 14.

Над 28 илјади компании со блокирани сметки

Податоците на Народната Банка пак покажуваат дека заклучно со септември минатата година имало 28.352 компании со блокирани сметки. За една година нивниот број е намален за 1.913.

Но, бидејќи фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки изнесува 42.566.

УЈП побарува речиси 162 милиони евра

Само Управата за јавни приходи по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини побарува речиси 162 милиони евра.

Според најновата листа на должници вкупните побарувања во февруари во однос на јануари биле намалени за 2.6 милиони евра.

Кои бизниси се најиздржливи?

Ако во светски рамки околу 50% од новите компании пропаѓаат во првите пет години (стапка на преживување според Forbes), во Македонија нешто помалку од половина, поточно 43.2% од новосоздадените компании во 2009 година во сè уште биле активни во 2014 година, покажаа последното истражување на Државниот завод за статистика.

Во земјава статистиката измерила дека 79.4% од новоформираните фирми ја преживуваат првата година, 52.6% првите две, 48.1% првите три, 37.6% првите четири години.

Гледано по бизнис сектори, првата година ја преживеале најмногу фирми отворени во здравствената и социјалната заштита, и тоа дури 92.8%; трговијата на големо со информатичко – комуникациска технологија, 91.7%; снабдување со електрична енергија, гас, пареа, 91.4%; финансиски дејности и дејности на осигурување, 90.0%…

Зошто пропаѓаат фирмите?

Причините за затворањето на компаниите се различни од случај до случај, но најчесто се сведува на лошо планирање и менаџирање, објаснуваат економистите.

„Ако се погледнат податоците за бројот на блокирани сметки може да се заклучи дека неликвидноста е еден од клучните проблеми кој што се провлекува со години“ објаснува економистот Борис Попов. „Тоа е хроничен проблем на нашето стопанство но причините за затворање на компаниите не може да ги сведеме само на тоа“ вели тој.

Сепак, според познавачите ваквите податоци не се загрижувачки, во една економија е нормално да флуктуира бројот на компании, едни да се затвораат а други да се отвораат.

„Охрабрувачки е што сè почесто се отвораат старт ап компании, младите се охрабруваат а причина за тоа се светските трендови но и малите стартни трошоци“ вели Попов.

Економистите сметаат дека на македонското стопанство му е потребен уште поактивен претприемачки дух кој ќе биде насочен кон производство, обработка и доработка, а не само кон услуги и трговија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП