8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПазарот се стабилизира - зголемен увоз и на нови и на половни...

Пазарот се стабилизира – зголемен увоз и на нови и на половни автомобили

Во 2018-та биле увезени 5.878 нови и 30.237 половни автомобили. Ова е за 432 односно за 7.273 повеќе од 2017-та.

Според податоците на Царинската управа зголемениот тренд на увоз на возила продолжил и во јануари годинава кога биле исцаринети 414 нови и 2.059 употребувани коли.

Импортерите на нови возила велат дека по неколку годишен пад пазарот повоторно почнува да се стабилизира иако се уште е далеку од „златните времиња“, пред седум – осум години.

„Пазарот не е како што беше, но последнава година е далеку подобро. Побарувачката на нови автомобили е зголемена. Најмногу се продаваат од ниска и од средна класа, тоа е и соодветно на нашиот стандард“, објаснуваат во еден од поголемите салони за нови автомобили.

И препродавачите на половни коли се позадоволни, прометот е зголемен, но ова се должи не само на поголемата побарувачка туку и на намалената конкуренција.

„Подобро е, не треба да се жалам. Го издржав кризниот период кога едвај се продаваше по еден до два автомобили месечно. Сепак, многу други не издржаа и затворија. Порано имаше многу повеќе плацеви, сега останавме само ние поголемите“, вели во несврзан разговор сопственик на ваков плац во скопско Визбегово.

Предлог – законите за акцизите и за возилата кои се уште се во работни верзии предвидуваат во иднина наместо акциза за увоз на автомобили да се плаќа данок. Тоа значи дека увозниците нема да плаќаат акциза за возилата при самиот увоз, туку данокот ќе се плаќа откако возилото ќе стигне до крајниот купувач.

Се уште не се финализирани параметрите според кои ќе се прават новите пресметки но голем удел треба да има емисијата на штетни гасови. Ова би значело дека за постарите автомобили давачките би биле поголеми.

Дополнително, со законските измени сите автомобили најверојатно ќе добијат и еколошки лепенки кои ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој колку загадува. Со тоа на полесен начин би се селектирале сите оние кои треба да бидат исклучени од сообраќај при енормно загадување на воздухот.

Нема информации колку би чинеле ваквите лепенки, тестирањето на автомобилите пред нивното издавање и уште поважно – дали поголемите загадувачи би плаќале и поголеми давачки, на пример при регистрација на автомобилите.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на македонските патишта, заклучно со крајот на 2015-та година, имало вкупно 383.833 регистрирани автомобили. Најголем дел од нив, 261.470, се произведени пред 2002-та година односно се постари од 15 години!

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП