сабота, 4 февруари 2023
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИАтлетико ги пречекува Јуве и Роналдо, Сити гостува кај Шалке

Атлетико ги пречекува Јуве и Роналдо, Сити гостува кај Шалке

Екипите на Атлетико Мадрид и Јувентус за првпат во историјата ќе се судрат во нокаут фазата во Лигата на шампионите.

И двата тима имаат негативни рекорди зад себе во ова натпреварување. Италијанскиот првак е рекорден по бројот на порази во финалето, дури седум, а мадриѓани се првиот тим кој стигнал до три финалиња и не победил на ниту едно од нив.

Диего Коста ќе биде најголемата новина во тимот на Диего Симеоне, кој најверојано ќе настапи без повредениот Лукас Хернандез. Кај противникот ќе бидат отсустни Сами Кедира и Хуан Квадрадо, а Алекс Сандро се очекува да се врати во првиот состав, откако го пропушти дуелот со Фросиноне за време на викендот.

Последниот двобој во Лигата на шампионите помеѓу Атлетико и Јуве донесе само еден гол, а со истиот победа запиша шпанскиот гигант. Првиот меч во Торино заврши без голови. Против италијански противници, „јорганџиите“ немаат ниту еден пораз на шест натпревари на кои тренер им бил Симеоне. „Старата дама“ има фантастична форма на гостувањата во нокаут фазата, победувајќи на четири од последните пет натпревари.

Фудбалерот од кој што ќе зависат многу работи на вечерашната средба ќе биде Кристијано Роналдо. Тој се враќа во шпанската престолнина каде помина девет години и тоа против една од омилените екипи против кои сака да постигнува голови.

Според сите очекувања, вечерва на „Ванда Метрополитано“ се очекува мал број на голови и победа на било која екипа со минимален резултат.

Еден од ретките осминафиналните парови, во кои има изразит фаворит сигурно е двобојот меѓу Шалке 04 и Манчестер Сити.

Англискиот шампион, сепак, претпазливо ќе влезе во надигрувањето со бундеслигашот, бидејќи токму во оваа фаза беше елиминиран во три од последните пет сезони. На внимателност повика и тренерот Пеп Гвардиола, кој ги исмеа тврдењата на новинарите деке неговиот тим лесно ќе ја заврши својата работа.

Одбраната на „граѓаните“ доби засилување во пресрет на вечерашната средба во Гелзенкирхен. Во конкуренција се вратија Винсент Компани, Бенџамин Менди и Елиаким Мангала, кои правеа пауза поради повреди. За разлика од нив, Габриел Хесус и Џон Стоунс нема да бидат дел од првиот меч на гостински терен.

Кај Шалке, Омар Маскарел нема да се појави на теренот поради суспензија, а Брил Емболо и Стивен Скрзибски нема навреме да заздрават за да добијат шанса.

Сити има убава серија од седум меча во низа без пораз против германски противници. Германците, пак, беа елиминирани во осминафиналето во трите последни сезони, што секако не е добра вест за нив. Сепак, избраниците на Доменико Тедеско не загубиле на „Велтинс Арена“ на последните девет меча на европска сцена.

Колку и да не сака да признае Гвардиола, неговата екипа ќе биде изразит фаворит за победа вечерва, а и за пласман во следната фаза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП