20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали индустријата ќе ја крене економијата? Лани раст од 5.4%

Дали индустријата ќе ја крене економијата? Лани раст од 5.4%

Индустриското производство пораснало за 5.4% во текот на 2018-та. Дали овие охрабрувачки податоци се доволни за да ја кренат целата економија? Надлежните се оптимисти, но дел од бизнисмените остануваат песимисти.

Раст на индустриското производство од 5.4%

Лани индустриското производство пораснало за 5.4%. Во декември 2018-та во однос на истиот месец од 2017-та било поголемо за 7.9%.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) лани најдобро му одело на секторот трајни производи за широка потрошувачка односно превозни средства, бела техника, мебел. Нивното производство било поголемо за дури 22.0%.

Кај капиталните производи односно машини, алати, метални конструкции растот е 15.8%.

Преработувачката индустрија се зголемила за 6.5%, интермедијарните производи за 3.6%, енергијата за 1.9%.

Намалување има единствено кај рударството и вадењето камен кое паднало за 1.4%.

Пад на цените на индустриските производи од 0.3%

Производството расте но цените паѓаат. Според ДЗС продажните цени на домашниот пазар во декември 2018-та во однос на истиот месец од 2017-та биле пониски за 0.8 % и пониски за 0.3% на годишно ниво.

Ова пред се е резултат на пониските цени кај секторот рударство, единствениот кој има и пад на производството, од дури 17.3%. Кај снабдувањето со електрична енергија, пареа и гас намалувањето е од 1.7%. Истовремено кај преработувачката индустрија има раст од 0.7%.

Надлежните очекуваат стабилизирање на економијата

Растот на индустриското производство е позитивен сигнал за целата економија. Надлежните очекуваат оваа година стопанството да се стабилизира и да оствари солидни резултати.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека Владата работи и на привлекувањето на странски инвестиции. Вчера ја посети слободната зона Бунарџик каде се работи нов погон на американската компанија Дура и каде треба да почне се гради и фабрика на индиската Метохара.

„Претходно, во овие две индустриски зони, Скопје 1 и 2, работеа 10 компании, а во моментот само тука имаме 12 нови странски инвестиции, кои се реализираат. Зоната е едно големо градилиште, само тука се градат 12 нови објекти и дополнително се реализираат 5 други проекти на странски инвеститори, чија вредност е околу 155 милиони евра. Во првата фаза овие компании вработуваат околу 1.100 лица, а во согласност со нивните бизнис-планови вкупниот број новоотворени работни места треба да достигне над 4.300“, вели Анѓушев.

Бизнисмените засега остануваат песимисти

Додека надлежните се оптимисти, бизнисмените остануваат песимисти. Македонски компании сериозно размислуваат да ја напуштат земјава, велат во Сојузот на стопански комори (ССК). Главната причина за ова биле постојаните политички кризи.

„Во услови на кршлива економија, политичките лидери треба да ја спуштат топката и да размислат што можат заеднички да направат за доброто на граѓаните. Фирмите сериозно размислуваат да си заминат од земјава, обезбедуваат терен во Србија и Бугарија, зашто политичката неизвесност го изеде приватниот сектор“ изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

ССК испорача и седум барања до Владата чие исполнување, според нив, е неопходно за економијата конечно да тргне напред.

ССК меѓу другото бара политичка и правна сигурност, менување на законите само во консултација со бизнисот, јасна волја за напредок без корупција, како и зајакнување на борбата против сивата економија.

Растот во 2019-та треба да биде околу 3 проценти

Проекциите за раст на македонската економијата се разликуваат во однос на институцијата.

Владата проектира 3.2%, Народната Банка 3.5%, Европската Комисија 3.3%, ЕБОР 3.0%, Светската Банка 2.9%, а ММФ во најновиот извештај ја потврди претходната прогноза за раст од 2.8%.

„Се очекува економскиот раст годинава да забрза на 2.8 проценти, поддржан од закрепнувањето на инвестициската активност и на 3.4 отсто на среден рок“ се наведува, меѓу другото во извештајот од Меѓународниот монетарен фонд.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП