21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Тирана – Надворешниот долг на Албанија на крајот од март достигна 5,33 милијарди евра, што претставува зголемување за пет отсто, покажуваат податоците на Централната банка на Албанија. Долгот на албанската Влада изнесува 2,28 милијарди евра и е повисок за 2,4 отсто во споредба со крајот на 2012 година. Во растот на надворешниот долг големо влијание има приватниот сектор, односно кредитите земени надвор од земјата од странски компании. – Долгорочниот надворешен долг на Албанија изнесува околу 3,5 милијарди евра. Само во текот на првите три месеци од годинава Владата се задолжи во странство со 570 милиони евра за секторите енергетика, урбана и рурална инфраструктура, водовод и канализација, здравството, за животната средина и за развој на приватниот сектор, стои во извештајот на Банката.

Атина – Останувањето без работа на 2.600 вработени од грчката државна компанија за радио и телевизија-ЕРТ веројатно ќе биде проследено и со кастрење на уште 800 други работни места меѓу службениците во државните органи, кои претстои да се намалат или затворат, објави електронското издание на весникот „Катимерини“. На седумнаесет организации им претстои затворање, а други 53 ќе бидат претопени во рамки на владините планови. Тоа ќе засегне над 1.300 државни службеници, од кои околу 800 ќе останат без работа, а другите ќе бидат префрлени во мобилни екипи.

Гетеборг – Бројот на Швеѓани кои работат и по навршени 65 години бележи силен пораст. Вкупно земено, бројот на шведски граѓани кои работат на возраст од 66-70 години е зголемен од 10 отсто во 1995 година на 24 отсто во 2010 година. Како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, отсуството од работно место поради боледување, меѓу споменатата старосна група на шведскиот пазар на труд, во периодот од последните петнаесетина години било ниско и со тенденција на намалување од 3,5 на 2,5 проценти.

Лондон – Активирање на трговијата, собирање даноци и постигнување поголема транспарентност се главните теми во дневниот ред на дводневниот самит на лидерите на земјите од Г-8 што се одржува во Северна Ирска. Во луксузниот голф клуб крај езерото Лох Арн, Г-8, во која влегуваат седумте развиени индустриски земји: Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, плус Русија и ЕУ, се разговара за главните прашања што ги вознемируваат лидерите уште од финансиската криза 2007-2008 година. Светските лидери уште разгледаат серија меѓународни теми, меѓу кои и конфликтот во Сирија.

Париз – Францускиот министер за индустриски развој Арно Монтебур смета дека еврото е прескапо и истовремено упати остра критика против Европската централна банка (ЕЦБ). – Европа треба да направи како Јапонија. Како што сега стојат работите, еврото е преценето и се заканува на економскиот раст во Европа. Централната банка е премногу пасивна, истакна Монтебур во интервју за Шведското радио. Францускиот министер смета дека државата треба да ја управува економијата и вели дека еврото треба да соодветствува на доларот, токму како што беше на почетокот.

Париз – Имигрантите се економски плус, добивка за општеството, покажува најновиот извештај на Организација за економски развој и соработка (ОЕЦД), направен во 27 земји-членки. Многу повообичаено е имигрантите да му плаќаат повеќе на општеството преку даноци и такси, отколку што добиваат повратно за себе преку, например, социјални бенифиции и пензии. Само во пет од земјите-членки на ОЕЦД имигрантите станале нето-трошок за општеството.

Пекинг – Кинеската Влада одобри пакет нови мерки за борба против загадувањето на воздухот во обид да се решат големите проблеми со заштитата на животната средина во земјата. Владата, исто така, вети дека ќе ја поддржи и индустријата за соларна енергија. Загадувањето е клучна точка за социјалното незадоволство во Кина поради што се почесто се одржуваат протести. Државниот кинески совет одобри 10 мерки во борба против загадувањето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП