18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија има европски закон за заштита при работа, но и надевропски просек...

Македонија има европски закон за заштита при работа, но и надевропски просек на несреќи

Секоја година, 43-тата недела од годината се одбележува како Европската недела на безбедност и здравје при работа. И Македонија ја одбележа неделата на безбедност и здравје при работа обидувајќи се да ја подигне свеста за ова важно прашање, но за жал се уште спаѓа во државите со висока стапка на несреќи на работното место споредено со Европа.

Во Македонија постои законска регулатива со која се третира ова прашање, но според годишниот извештај за 2017 година на Македонското здружение за заштита при работа, стапката на смртност на работното место изнесувала 3,22 и е повисока во споредба на пример со Велика Британија каде стапката е 0,5.

Она што загрижува е дека има тенденција на зголемување на повредите на работното место. Така, доколку се споредат годишните извештаи за 2017 и за 2016 година на Државниот инспекторат за труд и на Македонското здружение за заштита при работа може да се забележи дека е зголемен бројот на повреди на работното место.

Државниот инспекторат за труд лани регистрирал вкупно 1.709 повреди на работното место од кои 1.693 биле со потешки последици, две биле колективни и 14 со смртни последици. Споредено со 2016 година, има вкупно зголемување за 208 повреди на работа. Она што е намалено, според извештајот на Државниот инспекторат за труд, е бројот на повреди со смртни последици и тоа лани се случила само една несреќа помалку во однос на 2016 година.

– Бројот на случени несреќи, констатираме дека е помал, меѓутоа секоја несреќа на работното место што ја пријавуваат работодавачите, ние ја евидентираме, но постои можност вработениот и да не користи боледување, велат од Државниот испекторат за труд.

И извештајот на Македонското здружение за заштита при работа покажува зголемување на повредите на работното место, односно минатата година тие евидентирале 158 несреќи на работа од кои 24 биле со фатални последици во однос на 2016 година кога имало 94 повреди од кои 19 со смртни последици. Најновите податоци со кои располага ова здружение покажуваат дека и годинава има индиции за зголемување на бројот на несреќи на работното место, односно до септември евидентирани се околу 100 повреди на работа и 30 смртни случаи. Извештајот за 2018 година, Здружението ќе го објави во април 2019 година.

Превенцијата клучна за помалку несреќи на работното место

Законот за безбедност и здравје при работа што се применува во Македонија е усогласен со Европската унија, но надлежните посочуваат дека превенцијата и подигањето на свеста кај сите засегнати страни се клучни за да се спасат животите на работниците.

– Потребна е трипартина соработка на државата, работодавачите и вработените со подигнување на свеста за превенција и безбедни и здрави работни места, велат од Министерството за труд и социјална политика од каде додаваат дека најважен фактор е дијалогот меѓу работодавачите и работниците.

Од витално значење, според Македонското здружение за заштита при работа, е постојаната евалуација на тековните процедури на работењето, а во случај на повреда на работното место важно е таа детално да се истражи.

– Во случај на појава на минорна несреќа, таа треба детално да се истражи за да се најде точниот извор. Не е доволно само да се востанови дека можеби е човечка грешка, мора да се детализира до степен каде ќе се открие зошто се појавила, дали поради умор, недостаток на информации, погрешни иформации, погрешна перцепција итн. Работниците треба да ги пријавуваат сите оние ситуации во кои можело да настане појава на грешка. Од клучно значење е охрабрувањето од страна на менаџментот, како и подршката која ќе им биде дадена на работниците. Најдобро е да се направат тимови и предлозите за подобрување на процесите најпрво да се разгледаат од една група на луѓе, потоа тие да се формулираат во предложениот формат за на крај да се испратат до претпоставените, нагласуваат од Здружението.

Потребно е доекипирање на Државниот инспекторат за труд

Државниот инспекторат за труд, којшто врши редовни и вонредни надзори од областа на безбедноста и здравјето при работа, минатата година донел 181 забрана за работа и 28 мандатни казни за разлика од 2016 година кога се донесени 50 забрани за работа и 20 мандатни казни.

– Потребно е доекипирање на Државниот инспекторат за труд Скопје, но најважен фактор е дијалогот меѓу работодавачите и вработените. Државните инспектори за труд Скопје, досега, а и во иднина, за сите несреќи на работа, ќе извршуваат вонредни инспекциски надзори, велат од Министерството за труд и социјална политика под чија надлежност работи овој Инспекторат.

И претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Јованка Бислимовска неодамна изјави дека важна улога имаат надзорот и контролите и оти е потребно да се доекипира Инспекторатот за труд.

– Државниот инспекторат за труд мора да ги зајакне капацитетите. Тоа е задача на Министерството за труд и социјална политика. И во претходниот извештај на Европската комисија тоа беше една од клучните забелешки – Државниот трудов инспекторат да се насоч

и, охрабри и зајакне и да делува онака како што треба, смета Бислимовска.

Невниманието на работникот и неодговорниот однос на работодавачот најчести причини за несреќите на работа

Како најчесто таргетирани причини кои доведуваат до несреќи на работа се невниманието на работниците, неносењето заштитна опрема и средства при работа, неодговорниот однос на работодавачите и раководниот кадар во доследната примена на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа, неизвршената проценка на ризик, необученоста на работниците за безбедна работа, неизвршените здравствени прегледи на вработените, необезбедувањето на безбеден работен простор……

Извештајот на Македонското здружение за заштита при работа за 2017 година покажува дека во 70 проценти од градовите во државата се случиле несреќи на работното место. Скопје како град каде има најголема концентрација на работната сила разбирливо предничи пред останатите градови со 56 несреќи на работното место, а по него се Штип со 11 и Куманово со 10.

Најмногу несреќи на работното место има во земјоделството, а тоа е така бидејќи се работи за семејни бизниси каде едно лице е пријавено како вршител на дејност, а работи цело семејство.

– Таму најтешко е да се спроведат мерките и има најмногу несреќи. Некои мислеа дека најмногу несреќи има во индустријата и градежништвото, но за жал земјоделството е гранка каде има најмногу несреќи, изјави неодамна Ангел Димитров, претседател на Органзиацијата на работодавачи која предлага измени на Законот за безбедност и здравје при работа по неговата 11-годишна примена.

Од ОРМ предлагаат поголема улога да им се даде на стручните лица во компаниите кои имаат положен испит за безбедност и здравје при работа, да се прецизира одговорноста на работодавачот и лицето задолжено за безбедност и здравје при работа, но одговорност да имаат и надворешните констултанти, како и да се зајакне улогата на Националниот совет за безбедност и здравје при работа.

Во однос на заболувањата кои се директно причинети од работата како што се респираторните заболувања, оштетувањата на слухот, алергиските реакции и заболувањата на кожата, Македонија е на исто рамниште со европските држави.

Билјана Анастасова – Костиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП