7 јули, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОВе касна змија? Без паника, не е крај на светот!

Ве касна змија? Без паника, не е крај на светот!

Летото повторно ги врати змиите во нашите дворови, улици, паркови… Колку и да звучи драматично, тие не доаѓаат затоа што бараат проблем, туку едноставно – ги влече топлината, зеленилото и понекогаш случајно најдените остатоци од храна. Ама да бидеме искрени, малкумина остануваат рамнодушни кога ќе видат како се движат низ тревата.

Најчесто, овие неканети гости воопшто не се опасни. Во Македонија живеат десетина видови змии, а сериозна закана за човекот претставуваат само еден или два. Но доволно е и тоа — стравот да ја заврши својата работа пред да бидете ставени во опасност.
Од Центарот за итна медицина со години апелираат: најголемата грешка што луѓето ја прават е што веднаш трчаат да ја бркаат или, уште полошо, да ја нападнат.

„Луѓето често сакаат да бидат храбри, па земаат стапови или дури се обидуваат со раце да ја избркаат. Со тоа само си го зголемуваат ризикот да бидат каснати“, вели токсиколог кој досега се нагледал секакви случаи.

Статистиката, макар не толку обемна, зборува сама за себе: последниве години кај нас се евидентирани неколку каснувања, дел завршиле со болничко лекување. Речиси сите биле последица на тоа што човекот прв влегол во „конфликт“.

А што ако се случи баш тоа што не сакате? Најважно е да останете смирени. Да седнете или легнете, а каснатата рака или нога да ја држите мирна. Никако да не шмукате крв, да не сечете и да не пробувате трикови од филмови – тоа може само да донесе дополнителни инфекции или други компликации.

„Она што навистина спасува е итниот транспорт до болница. Без импровизации, без губење време“, велат лекарите. Повикајте помош, известете дека се работи за каснување од змија и сè друго препуштете им на професионалците.

Од друга страна, биолозите потсетуваат дека змиите се исклучително важни за екосистемот.

„Во најголем дел од случаите, доволно е само да се повлечете и таа ќе си го продолжи патот. Без потреба од драма“, истакнуваат експертите за див свет.

За оние што живеат блиску до шуми, реки или запуштени површини, советите се прилично едноставни: тревата редовно да се коси, да не се оставаат отпадоци од храна и да се информира општината ако змиите станат почести гости.

На крајот, колку и да звучи банално, најдобрата заштита е да не ѝ се приближувате. Оти змијата, за разлика од нас, баш и нема некоја желба за блиски средби.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар