17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: загадениот воздух зема данок во животи, но и во пари

Анализа: загадениот воздух зема данок во животи, но и во пари

Македонските градови повторно се меѓу најзагадените во светот. Засега ништо од предизборните ветувања за почист воздух. Локалните власти се правдаат но бараат и граѓаните сами да поработеле на решавање на проблемот. Граѓанскиот сектор се мобилизира, но засега без резултати. 1.300 Македонци секоја година умираат како последица на ситните честички, а материјалните штети се бројат во милиони.

Македонските градови меѓу најзагадените во светот

Македонските градови повторно уриваат неславни рекорди по загадувањето. Мерните станици покажуваат дека во Скопје има од 78 до 120 микрограми ПМ 10 честички, во Кавадарци 99, во Струмица 96, во Битола 78, во Тетово 77…

Ова се просечните дневни вредности, а 50 микрограми е дозволената горна граница. Состојбата е значително позагрижувачка навечер.

Така синоќа Скопје беше еден од најзагадените градови на светот. Тој се најде на шестото место на глобалната апликација Air Visual.

Индексот кој го сочинуваат вредностите од ПМ10, јаглерод моноксид, јаглерод и натриум диоксид и озон за Скопје покажа вредност од енормни 160 и градот се најде во друштво со традиционално најзагадените Лахоре, Њу Делхи, Ченгду и Пекинг.

Слична е состојбата и во другите градови – речиси нема ништо од ветувањата за почист воздух.

Засега речиси ништо од ветувањата за чист воздух

Битката со загаденоста беше еден од главните адути во предизборната трка за локалната власт.

Петре Шилегов како кандидат за градоначалник ветуваше 24 часовна инспекција со дежурства вон работното време, покривање на најризичната точка – депонијата кај ОХИС со пестицидот линдан, формирање на зелени коридори, зголемување на буџетот за заштита од загадувањето, воспоставување на пешачка зона во центарот на градот…

Во програмата Живот во Скопје за сите се наведени 39 мерки против загадувањето – невладините велат дека е исполнета само една. Беше ветено дека до 2021-та Скопје ќе стане европска зелена метропола.

На информациите за енормната загаденост реагираше и Град Скопје. Оттаму велат дека изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот не ги надминуваат граничните вредности, односно тоа се случувало само во кратки временски интервали и на одредени локации.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од аспект на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестиции во електро мобилноста, како и во подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство. За првпат минатата година во неколку наврати во случаи на екстремно загадување, Град Скопје овозможи бесплатен јавен превоз за сите, за да го дестимулира возењето автомобили“ велат од Град Скопје.

Оттаму апелираат и до граѓаните да се вклучат во борбата против загаденоста на воздухот преку помало користење на возилата и користењето на јавниот автобуски превоз, како и повеќе лица да се возат во едно возило, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал

Скопје го надмина европскиот лимит уште во февруари

Скопје ги надмина европските годишни граници за аерозагадување уште во февруари. Според регулативата на ЕУ во текот на годината е „дозволено“ ПМ 10 честичките да бидат над 50 најмногу 35 дена. Главниот град на Македонија ова успеа да го направи уште 21 февруари односно на 52 ден од годината.

Најмногу надминувања на 24-часовните гранични вредности за ПМ 10 честичките, броено во календарски денови, заклучно со овој датум имало на мерната станица кај Ректорат (52 од 52 дена), Лисиче (47), Гази Баба (45), Карпош (42) и Центар (40 од 52 дена).

Мобилизација на граѓанскиот сектор

Здружението „Еко свест“ започна онлајн петиција со која бараат од Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање да почнат со итна примена на краткорочни и среднорочни мерки насочени кон намалување на загадување на воздухот во градот.

„Донесување закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата, ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот, намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата“ велат во „Еко свест“.

Загадувањето зема данок во пари, но и во човечки животи

1.351 смртен случај и економска загуба од 253 милиони евра или нешто над 3% од вкупниот Бруто домашен производ – ова е цената во човечки животи и во материјални средства што Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка.

Извештајот „Зелен развој (2015)“ ја рангира земјава на петтото место во Европа според последиците предизвикани од штетните ПМ-10 и ПМ-25 честички. Полошо од нас стојат само Бугарија, Србија, Романија и Унгарија.

Штетните честички во просек секоја година предизвикуваат 1.351 смртен случај поради развивање на болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови, се наведува во извештајот во кој исто така се посочува и на зголемената појава на хроничен бронхитис, астма и други помалку сериозни заболувања.

Сето ова резултира со 15.200 итни интервенции и посети на лекар, 770 третмани со пролонгиран престој во болнички услови и стотици илјади пропуштени денови на работа поради боледување, како и огромни трошоци за здравствениот систем.

Според Светска Банка, 44.8% од издатоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8.5% на Битола, 8.0% на Куманово, 5.1% на Тетово, 4.8% на Велес…

Низа препораки од меѓународните институции

Светска Банка во посебниот извештај за Македонија насловен како „Зелен раст“ излегува со низа препораки за намалување на загадувањето.

„Загадувањето на воздухот е меѓу највисоките во Европа, а секој план за зелен раст мора да го има предвид неговото намалување“ се наведува во извештајот.

Според анализите најголем дел од штетните честички доаѓаат од големите индустриски капацитети и нивната емисија може да се намали со поставување соодветни филтри. Дополнително се препорачува замена на јагленот и лигнитот со природен гас во процесот на производство на електрична енергија. Загадувањето предизвикано од изградба на патишта односно поставување на асфалт може да се намали со подобра опрема. Државата треба да обрне посебно внимание и на застарениот возен парк кој придонесува на загадувањето. Во извештајот се наведува и дека голем удел има користењето дрво за огрев на домаќинства, а се препорачува да се стимулира замената на печки кои имаат помала емисија на штетни гасови.

„Изградбата на систем на политики за секторите тешка и лесна индустрија како и за домаќинствата се од суштинско значење за постигнување на целите на зелен раст“ се наведува во извештајот.

Намалувањето на загадувањето на воздухот не само што ќе го заштити човечкото здравје туку ќе придонесе и за поттикнување на локалните средини се заклучува во извештајот според кој 90% од штетните честички се предизвикани од металургијата, од производството на струја и на топлина, од изградбата на патишта и мешањето на асфалт, од греењето на домаќинствата. Оттука главната препорака е спроведување мерки токму во овие сектори.

Загадениот воздух е новиот тутун

Загадувањето на воздухот е „новиот тутун“, предупредува генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) д-р Тедрос Адханом Гебриес, истакнувајќи дека со единствениот чин на дишење умираат 7 милиони луѓе годишно, а здравјето им е нарушено на милијарди други.

Според податоците на СЗО секој ден околу 93 проценти од децата во светот под 15-годишна возраст (1.8 милијарди деца) дишат воздух кој е толку загаден, што ги доведува под сериозен ризик нивното здравје и развој, а многу од овие деца умираат.

СЗО проценува дека во 2016 година 600.000 деца умреле од акутни инфекции на долниот дел од респираторниот систем предизвикани од загадениот воздух.

Во новиот извештај на СЗО е наведено дека кога бремените жени се изложени на загаден воздух, тие почесто раѓаат предвремено и имаат мали деца со ниска родилна тежина.

Во извештајот се вели дека аерозагадувањето исто така влијае врз нервниот развој и когнитивните способности и може да предизвика астма и рак уште во детството. Исто така ја оштетува функцијата на белите дробови кај децата, дури и во случаи на изложеност на ниски концентрации.

Според СЗО повеќе од 90 отсто од светската популација страда од токсичен воздух, а истражувањата се повеќе ги откриваат влијанијата врз здравјето на луѓето, особено врз децата.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП