19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: просечната плата расте, разликата меѓу богатите и сиромашните останува

Анализа: просечната плата расте, разликата меѓу богатите и сиромашните останува

Просечната плата пораснала за 5.7%, но разликите меѓу богатите и сиромашните остануваат. Просекот најмногу пораснал кај оние кои и досега имале највисоки плати…

ДЗС: раст на платата за 5.7% за една година

Просечната плата пораснала за 5.7% за една година. Во август достигнала 24.210 денари.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во овој период најмногу пораснале примањата на вработените во секторите: информации и комуникации (14.2%), преработувачка индустрија (11.4%), земјоделство (10.3%). Намалување на просекот има во секторите: рударство и вадење камен (-1.7%), транспорт и складирање (-1.5%), стручни и научни дејности (-5.0%), уметност и забава (-1.0%).

Највисоки плати имаат програмерите, правниците осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Според аналитичарите ова е најголемиот проблем – големата разлика во примањата – најмалку платените сектори имаат и над шест пати пониски приходи од најдобро платените.

70% од работниците со потпросечна плата

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало исти резултати – дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

И анализите на Finance Think покажуваат дека дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот.

Апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности.

„Треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи, започнувајки од образовни програми. Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности, а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности“, велат од Finance Think.

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

Малкумина богати, многумина сиромашни

Средната класа во Македонија е навистина мала. Има многумина екстремно богати и многумина кои живеат околу границата на сиромаштија.

Тоа го покажува и таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.

Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.

Секој петти Македонец е сиромашен

Податоците на ДЗС покажуваат и дека секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни. Стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Стапката е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четири члени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Стапката на сиромаштија во 2015-та била 21.5%, во 2014-та 22.1%, а во 2013-та 24.2%. Според последните податоци, за 2015-та година, во Македонија 445.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија која се дефинира како годишен приход од 164.560 за четиричлено домаќинство.

Во последните 20 години Македонија имала највисока стапка на сиромаштија во 2009-та година, изнесувала 31.1%. Најниска била во 1997-та, 19%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП