25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКобалтот - проклетство за едни, богатство за други

Кобалтот – проклетство за едни, богатство за други

Американската технолошка компанија „Apple“ и германскиот производител на автомобили „Volkswagen AG“, како и уште 20 светски производители се правдаа по објавениот пред 2 години извештај на „Amnesty International“.

Во него се наведува дека одреден дел од кобатот користен од компаниите, кој е потребен за производство на батерии, се ископува во рудници во Конго, каде што условите се исклучително тешки и се експлоатира детскиот труд.

Голем број обвинети компании објавија дека ќе ги проверат своите снабдувачи и ќе испратат тимови во Конго за да го решат проблемот. Две години подоцна, се чини дека проблемот не е решен, објави „Wall Street Journal“.

Во рудникот за екстракција на кобалт „Mutoshi“, која се наоѓа во конгоанскиот град Колвези, локалните жители, наречени „creuseurs“ (францускиот збор за рудари), беа снимени од страна на тим на „Wall Street Journal“ во мај како функционираат без шлемови, обувки и заштитна опрема. Сопственикот на рудникот е дел од глобалната мрежа за испорака на кобалт на големите компании, вклучувајќи ги „Apple“ и „Volkswagen“.

Рударите користеле здели, лопати или само раце за да откопуваат камења богати со металот. Понекогаш вода навлегувала преку дупките, при што голем број од рударите се удавиле. Во друг случај, булдожер закопал работник жив, велат локалните власти.

„Се разбира, луѓето умираат“, рече главниот извршен директор на „Chemaf SARL“, Кристијан Шопе. Во мај, Шопе објасни дека „Chemaf“ одбила да обезбеди опрема за безбедност при рударство, бидејќи рударите би ја продале.

Побарувачката на кобалт се зголемува со брзо темпо во светот, бидејќи металот е потребен за литиум-јонски батерии во електричните возила и паметните телефони. Цената на кобалтот се удвои од 2016-та година, а Конго има произведено 67% од кобалтот во светот во 2017-та година, покажуваат податоците на британската компанија за трговија со кобалт „Darton Commodities“.

„Продажбата на кобалтот е лесна работа“, рече претседателот на „Chemaf“, Шираз Вирџи во мај. Загриженоста за задушување на основните човекови права се засилија по извештајот од 2016-та година, кој ги опишува нечовечките услови за работа. Потоа компаниите забележале одлив на побарувачката поради извештајот за тешките услови за работа во една од најсиромашните земји во светот.

Не е лесно светските производители да го следат потеклото на кобалтот од Конго, затоа што поминува низ неколку компании и земји. „Ова е еден од главните проблеми за големите компании“, објаснува аналитичарот од британската компанија за комерцијални студии „Wood Mackenzie“, Милан Такоре.

Истрагата на „Wall Street Journal“ покажува дека кобалтот од рудникот „Mutoshi“ се уште пристигнува до најголемите компании во светот. Металот од рудникот се продава на „Chemaf“, кој го продава на швајцарскиот трговец „Trafigura“. Најголеми клиенти на „Trafigura“ ги вклучува „Chemaf“ и „Umicore“. Јужнокорејскиот производител на батерии „Samsung“ информира дека купува материјали со содржина на кобалт од „Umicore“, а во поретки случаи директно од „Trafigura“. „Apple“ и „Volkswagen“ тврдат дека купуваат батерии од „Samsung“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП