12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНевладините прават обиди младите од крајниот Исток да добијат услови да се...

Невладините прават обиди младите од крајниот Исток да добијат услови да се вратат дома

Во последните години во Република Македонија се поприсутна е појавата на масовно иселување на младите од земјата, на одливот на млади мозоци. Оваа појава е најчувствителна во помалите општини, кои од ден на ден се се попразни. Правени се голем број на истражувања за причината за „бегањето надвор“, а како најчеста причина се наведуваат финансиите.

Од младите кои си заминаа, кои сега се надвор од државата, нема ниту еден кој би прифатил да се врати и да работи за сегашната „фиктивна“ минимална плата, што според нивните кажувања е апсолутно смешна и под секое достоинство.

Истражувањето покажа дека сумата за која еден млад веќе заминат „гастербајтер“ би можел да се врати во Македонија и која  би била еден вид гаранција да продолжи пристојно да живее во Македонија, се движи од 500 -700 евра, како редовен месечен приход.

Кон крајот на минатата година во три општини на крајниот исток на Македонија, во Делчево, Пехчево и Македонска Каменица, беше спроведен проект истражување за причините за овие миграции. Масовната појава на иселувањето на младите ги здружи претставниците на невладиниот сектор од овие три општини. Проектот „Јас сакам да се вратам“ го финансираше „Civica mobilitas“, а го реализираа невладините организации „Надеж Норе“ од Македонска Каменица, КХАМ од Делчево и Амброзија од Пехчево. Се истражуваа можностите за реинтеграција на иселениците од овие три општини. Во него беа вклучени 21 лице, а главните активности се состоеја во интервјуа со официјалните лица од Единиците за локалните самоуправи, вработени во подрачните единици на Агенцијата за вработување претставници од бизнис-секторот, како и претставници на Агенцијата за финансиска поддршка и развој во земјоделието.

Податоците од тоа истражување покажаа дека од 500-700 евра е просечната висина на приходите, што ги посакуваат иселениците како услов за размислување за евентуално да се вратат во родниот крај.

– Сите знаеме кои се предизвиците од масовното иселување што го има во нашите краишта. Клучните заклучоци од истражувањето се дека се уште е присутна појавата на масовно иселување на младите лица од овие три општини. Главните причини се ниските примања, како и неможноста да најдат соодветна работа. Од другите сегменти анкетираните иселеници истакнаа дека се недоволно запознаени со програмите на Агенцијата за вработување, од една страна, а од друга страна, истите им се недостапни како процедура на аплицирање или како процедура на добивање на средства. Ова најмногу се јавува како резултат на тоа што иселениците се во странските држави, а самата активност за аплицирање на овие програми бара тие да бидат присутни во Република Македонија, потенцира Влатко Ситновски од НВО „Надеж Норе“ од Македонска Каменица, која беше носител на проектот.

Според Ситновски, истото се однесува и за програмите за финансиска поддршка и развој на земјоделието што не им се достапни на иселениците, односно немаат можност во странство да аплицираат за нив, туку самите програми бараат да бидат присутни во Македонија во фазата на аплицирање.

– На крај ова се и клучните препораки што ги истакнаа самите иселеници во истражувањето. Постои расположение кај иселениците да се вратат во своите родни краишта и средната просечна висина на приходите што ги посакуваат се движи од 500-700 евра, што и не е некоја недостижна сума. Останува на општините, на владините институции, па и на нас од невладиниот сектор, да работиме тоа да се постигне и да стане реалност во наредниот период, дециден е Ситновски.

Според истражувањата направени во Пехчево, иселениците во оваа општина најголем интерес покажале за враќање во родното место. Но, само доколку државата ги унапреди мерките во делот на правилно функционирање на проектите што се однесуваат на развојот на категоријата “Млад земјоделец”.

– Истражувањето покажа дека, сепак, постои надеж иселениците да се вратат во нашите општини. Еве, доколку ја земеме за пример општина Пехчево, во неа постои можност за развој на земјоделието. Доколку профункционира проектот „Млад земјоделец“ и постои соработка со општината, односно на младите им се обезбедат парцели каде ќе можат да работат, факт е дека голем дел, па нека е тој дел и 30 проценти, би се вратиле и би инвестирале и сопствени средства за да останат во општината, вели Зоран Биковски од НВО „КХАМ“.

Како што вели, малку е покомплицирана состојбата во општина Македонска Каменица и Делчево, бидејки за младите да останат овде постои потреба од директно вработување или субвенционирање на нивните вработувања.

– Причината за тоа е што во рудникот Саса се даваат солидни плати, меѓутоа заради лошите услови за живот или безбедноста на работата во самиот рудник и непостоењето на другите индустриски објекти каде што би работеле, потребно е да се субвенционираат вработувањата на младите од овие места. Ако се земе предвид дека општина Македонска Каменица има капацитет, средства и ресурси, може да ги кофинансира активностите што постојат од Агенцијата за вработување и на тој начин да се обезбеди кофинансирање и отворање на работни места, пред се, за младите. Потенцирам „за младите“, затоа што токму 2018 ќе биде година на младите, каде што ќе постои и младинска гаранција со дополнителни средства од самата држава, што доколку биде “измечирана”, заедно со тимот на ЛЕР од општините, ќе се создадат услови младите да не размислуваат за заминување, туку за покревање на квалитетот на животот, културата, уметноста, безбедноста на работните места, владеењето на правото.. Тоа се аргументите што директно ќе влијаат за отворање нови работни места, додава Биковски.

Најсложена како што додава претставникот на “КХАМ “е состојбата во Делчево, каде што постои потреба од отворање на поголеми економски капацитети. За задржување на младите во средина како Делчево, Биковски вели дека е потребна политика на отворање работни места со субвенционирање.

– Ние како коалиција која работи на оваа проблематика ги дадовме нашите предлози до работните групи во АВРМ, односно при Министерството за труд и социјална политика, за субвенционирано отворање на работни места со плус 30 проценти, како работни места во рурални средини. Доколку тоа го прифати и изменаџира самата  Влада, заедно со локалните заедници, во дадениот случај со мерките од самата Агенција за вработување би се нуделе плус 30 проценти за вработување, за отворање работни места со помош на бизнис планови, обезбедени локации, локалитети, инфраструктура. Сето тоа ќе доведе, ако не друго, барем до намалување на одливот на млади мозоци и младите лица и создавање услови, пред се, за враќање на младите лица во Република Македонија, смета Биковски.

Валери Спасовски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП