26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: блокирани сметки – граѓаните се потешко ги враќаат кредитите

Анализа: блокирани сметки – граѓаните се потешко ги враќаат кредитите

Просечниот Македонец на банките им должи 1.169 евра. Народната Банка анализира дека домаќинствата се потешко ги отплаќаат кредитите, но истовремено има благо намалување на бројот на граѓани со блокирани сметки.

Над 80 илјади граѓани со блокирани сметки

Заклучно со март годинава во Македонија имало 81.553 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со истиот месец лани нивниот број е намален за 64. Во истиот период имало 28.652 компании со блокирана сметка што е намалување за 5.656.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и достигнува 235.212.

Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ).

НБРМ: домаќинствата потешко ги враќаат кредитите

Иако оваа година има благо намалување на бројот на домаќинства со блокирани сметки има извесно влошување на нивната способност за отплата на долговите, анализира НБРМ во најновиот извештај за финансиската стабилност кој се однесува на минатата година.

„Влошување бележи и ликвидноста на овој сектор како последица на поизразеното зголемување на долгот во однос на растот на расположливиот доход. Зголемувањето на долгорочниот долг ја нагласува чувствителноста на домаќинствата покрај на валутниот и на каматниот ризик“ се наведува во извештајот на НБРМ.

Над 2.4 милијарди евра кредити за домаќинствата

Просечниот Македонец има кредит од 1.169 евра, а за една година се задолжил за дополнителни 119 евра!

Вкупните кредити дадени за домаќинствата достигнале 2 милијарди 426 милиони и 894 илјади евра заклучно со јуни годинава. Истиот месец лани биле 2 милијарди 180 милиони и 292 илјади евра со што за една година се зголемиле за дури 246 милиони евра.

Според најновите податоци на Народната Банка најголем дел од кредитите се денарски (1 милијарда и 335 милиони евра), додека помал дел се со девизна клаузула или во странска валута (1 милијарда и 91 милион евра).

НБРМ: благ раст на бројот на банкротирани компании

И оваа и минатата година има намалување на бројот на компании со блокирани сметки, но НБРМ пресметала дека во 2017-та има благ раст на бројот на банкротирани фирми.

„Постоечките економски субјекти забележаа малку поголема стапка на излез од пазарот, претставена преку зголемувањето на бројот на правни лица над кои е отворена стечајна постапка. Оттука, во 2017 година дојде до раст на стапката на банкротирани правни лица од 2.1% на 3.2%“ се наведува во извештајот.

УЈП: најнова „црна листа“ на должници

Според најновата листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи (УЈП) вкупните побарувања надминуваат 173 милиони евра.

И овој пат државата си должи самата на себе – повторно на списокот има јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост.

Македонија Пат е речиси на врвот на листата, а „солидно“ котираат и Комуналното претпријатие од Гостивар, комуналното од Тетово, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. На листата се и Чистота и зеленило од Куманово, ЈП МЖ Инфраструктура, Македонска радиодифузија, Македонска радио телевизија.

Овие податоци се заклучно со 31 јули.

Извршителите веќе „омекнаа“

Помалиот број на блокирани сметки се должи на помеките правила кои лани беа воведени за извршителите. Со нив граѓаните и компаниите добија можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Има и засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Царината да може да блокира сметки

И додека извршителите го омекнаа начинот на работа, на листата државни органи кои имаат право да блокираат сметки на граѓаните се додава и Царинската управа. Ова го предвидуваат најновите измени на Законот за банки кои се уште не се изгласани.

„Со измените што се бараат во Законот за банки Царинската управа не бара увид во трансакциските сметки на физичките лица туку едноставно Царинската управа бара да постапи согласно својата надлежност според Царинскиот закон да изврши присилна наплата кон физички лица кои имаат одреден долг кон царинската права“, изјави директорот на Царината, Ѓоко Танасоски.

Граѓаните бараат помош од НБРМ

Граѓанското здружение „Човекот над профитот” побара помош од Народната Банка поради големиот број блокирани сметки. Минатата недела се сретнаа со гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска.

„Побаравме директна помош за одблокирање на трансакциските сметки на граѓаните под итно. Исто така, предмет на разговор беа и цените за одблокирање на сметки од страна на приватните банки, кои се превисоки, и неретко ја надминуваат сумата на основниот долг“, вели Ана Глигорова од „Човекот над профитот“.

Повеќе граѓански здруженија кои веќе две години наназад бараат од надлежните да го сменат Законот за извршување и да ги одблокираат сметките на граѓаните, протестираа на 1 мај, а потоа добија ветување од новата министерка за правда, Рената Дескоска, дека ќе се направат промени во Законот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП