23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата пред катастрофа - капиталните инвестиции целосно потфрлија

Економијата пред катастрофа – капиталните инвестиции целосно потфрлија

Првата половина од годинава ја одбележа катастрофална реализација на капиталните инвестиции. Премиерот Заев вели дека политичката криза влијае на економските активности. Лидерот на опозицијата Мицкоски смета дека земјава доживува стопанско уништување. Аналитичарите предупредуваат дека нешто мора да се преземе, пред се да се направи ребаланс на буџетот.

Катастрофална реализација на капиталните инвестиции

Капиталните инвестиции целосно потфрлија – за шест месеци државата потрошила само 16.6% од парите планирани за инфраструктурни проекти за годинава.

Најновиот извештај на Министерството за финансии покажува дека во периодот јануари – јуни биле вложени само 65.3 милиони евра од вкупно планираните речиси 392 милиони евра.

Ова е резултат пред се на запирањето на големите проекти, изградбата на автопатите, но и на не започнувањето на нови. За половина година би требало да бидат потрошени половина од парите предвидени за патишта, железници, водоводи, училишта, градинки, болници, а инвестирани се четири пати помалку.

Податоците покажуваат дека споредено по месеци, дури и во јуни има помала реализација на капиталните инвестиции во однос на претходните четири месеци. Како дополнителни ризици за ниска реализација на капиталните инвестиции и во следниот период – може да се земат и актуелните политички случувања кои може да ја влијаат на реализацијата на проектите.

Заев: политичката криза влијае на економските активности

И покрај овие бројки на Министерството за финансии, премиерот Зоран Заев е уверен дека до крајот на годината ќе биде остварен планираниот економски раст од 3.2%. Тој смета дека единствена причина за лошите економски параметри е континуираната политичка криза.

„И кај Doing business очекувам да се стабилизираат и да растат параметрите. Претходната Влада работела и ние работиме да ги зголемиме овие параметри преку зајакнување на институционалните капацитети и верувам дека ќе имаме успех .Не очекувам драматични падови, затоа што Министерството за финансии ги следи сите состојби. Владата донесе одлуки по скратени постапки за да влијае тоа позитивно затоа што и Doing business листата е важна за странските и за домашните инвеститори“ вели Заев.

Мицкоски: национален срам и економско уништување

Покрај националниот срам и понижување, паралелно се случува економско уништување на Република Македонија, смета Христијан Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на социјалните мрежи вели дека најголем дел од економските податоци укажуваат дека економскиот раст и во вториот квартал ќе биде најверојатно повторно најнизок во Европа.

„Податоците укажуваат дека растот на БДП во вториот квартал од 2018 година ќе биде близу до нула односно најверојатно помеѓу 0% и 2% со што Република Македонија повторно ќе биде земја со најнизок раст во Европа и покрај фактот што реперот за споредба е исклучително низок т.е. растот на БДП во вториот квартал од 2017 година е негативен -1,3%“ смета Мицкоски.

Finance think: потребен е ребаланс

Поради слабата реализација на инвестициите е потребен ребаланс на буџетот, сметаат во Институтот за економски истражувања и политики Finance think. Според нивните истражувачи треба да се пренаменат средствата кои очигледно ќе останат неискористени до крајот на годината.

„Институтот го повикува Министерството за финансии да ја информира јавноста што е клучната слабост во реализацијата на капиталните инвестиции и да се заложи за нивна што поголема реализација до крајот на годината, како и за што ќе бидат реалоцирани вишокот средства со извесниот ребаланс“ сметаат во Finance Think.

Тие потфрлањето во капиталните инвестиции го лоцира во забавувањето на реализацијата на клучните инфраструктурни проекти, пред се автопатите.

Аналитичарите предупредуваат – бројките се алармантни

Нивото на реализација на капиталните инвестиции е алармантно ниско, смета професорот Никола Поповски. Според него не е проблем недостатокот на пари бидејќи буџетските приходи се задоволителни.

„Со ваква динамика постојат две опасности: прво вкупните инвестиции да се остварат на многу ниско ниво до крајот на годината и второ, исплатите да се концентрираат во ноември и декември дури и во последните недели од годината што може да предизвика инјектирање на непланирана ликвидност во економијата со опасност за намалување на нивото на девизните резерви за што НБРМ ќе мора да интервенира со свои мерки“, изјави за Фактор професорот Поповски.

Економскиот консултант Фатмир Бетиќи, пак, предупредува дека досега растот се потпирал главно на градежништвото, па со запирањето на сериозните вложувања во инфраструктурата, целата економија се доведува во фаза на застој.

„Ние се уште го засноваме економскиот раст на градежништвото и затоа доаѓаме до прилично поразителни податоци… Градежништвото треба да се гледа поделено на високоградба и нискоградба зашто е потребно реструктурирање. За жал нашите домашни компании не се спремни и кадарни да се вклучат во големи инфраструктурни проекти“ објаснува Бетиќи.

Задолжувањето над проекциите

И додека има потфрлање на капиталните инвестиции, има натфрлање на задолжувањето. За шест месеци Македонија земала дури 89% од планираните кредити за цела години односно се задолжила за над 505 милиони евра само на странските пазари. Дома биле позајмени 156 милиони евра или над 54% од планираното.

НБРМ: вториот квартал малку подобар од првиот

Анализите на Народната Банка покажуваат дека вториот квартал бил малку подобар од првиот во однос на вкупните економски активности.

„И покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика“ заклучува Советот на Народната банка.

НБРМ очекува домашната економија и натаму да биде поддржана од кредитната активност на банките во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција којашто ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП