19 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(03.06 – 07.06.2013)

 

Според реализираниот промет на берзата изминатата недела, секако дека таа треба да се вброи меѓу најуспешните од почетокот на годината. Остварениот неделен промет од 96,8 милиони денари плус една блок трансакција со акциите на ЗТД Сточарство Богданци во вредност од 31,2 милиони денари секако го потврдуваат тоа. Но во структурата на прометот повторно доминантни беа обврзниците од денационализација и последната 12-та емисија која реализираше промет од 72,1 милион денари (75% од вкупниот промет) или прометот со обврзници од сите емисии достигна 79%. Интересот на институционалните и на поголемите приватни инвеститори не се менува и понатаму останува насочен кон најмалку ризичните пласмани на пазарот на капитал – обврзниците од денационализација, благајничките записи и банкарските камати.

Вообичаено кај акциите според прометот се издвоија Алкалоид Скопје со реализиран промет од 6,5 милиони денари, додека Комерцијална банка Скопје имаше промет од 5,2 милиони денари. По падот што го имаше на почетокот на неделата, кога стигна до цена од 14.065 за акција, цената на крајот на неделата се стабилизираше на ниво од 14.700 со истргувани 117 акции и промет од 1,7 милиони денари. Над еден милион денари промет реализираа уште и акциите на Кјуби Македонија Скопје и Македонија Турист Скопје.

Што се однесува до движењето на индексите, двата индекси на акции неделата ја завршија во негатива. МБИ10 забележа намалување од -0,35%, додека МБИД имаше пад од -3,81%. Индексот на обврзници ОМБ имаше поосетно неделно намалување од -1,61%, што се должеше на исплатата на ратата за денационализација кој настан се случи на 03.06.2013 година.

На регионалните берзи индексите се движеа во различни насоки. SBI10 неделата ја заврши со пад од -1,06%, Crobex забележа неделен пораст од +0,21%, Belex имаше почувствителен пад од -3,38%, додека софискиот Sofix регистрираше значителен пораст трета недела по ред од +2,79%..

Крајот на неделата на берзите во САД и петочниот раст придонесе водечките индекси во САД да не ја завршат неделата со уште еден минус од над еден процент. Откако се објавија податоците за забавувањето на растот на американската економија во мај и откако стана јасно дека ФЕД нема да интервенира во програмата за откуп на државни обврзници и влевањето на ликвидност, неделата индексите ја завршија речиси без промени во однос на претходната. DOW JONES неделата ја заврши со намалување од -0,04%, NASDAQ неделата ја заврши со пораст од +0,11%, а S&P 500 неделата ја заврши со пораст од +0,18%. Европските берзи немаа време да реагираат на петочните информации од САД, па така информациите што доаѓаа од ЕЦБ и најавите за нови начини за поттикнување на економскиот раст, придонесоа неделата да ја завршат во минус. DAX забележа неделен пад од -2,30%, FTSE 100 ја затвори неделата со пад од -2,93%, додека францускиот CAC 40 имаше намалување од -2,76%. На азиските берзи, податоците за силниот раст на јапонската економија во првиот квартал од 2013 година придонесоа јапонскиот NIKKEI 225 да ја заврши неделата со пораст од +3,04%, наспроти податоците за забавувањето на кинеската економија и проблемите со кои се соочува таа, што пак резултираше со намалување на вредноста на индексот HANG-SENG од -3,17%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП