7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономски новинари од 16 турски медиуми во посета на Македонија

Економски новинари од 16 турски медиуми во посета на Македонија

Економски новинари од 16 реномирани турски медиуми од 5 до 8 јули годинава ќе престојуваат во Македонија.

Како што информира Македонско-Турската комора (МАТТО) за МИА, целта е да се информираат за македонската економија и плановите за развој, а потоа, тоа да го споделат и турската јавност да ја запознаат со македонските инвестициски, економски, туристички и други потенцијали.

– Идејата е, исто така, новинарите да ја анимираат и деловната заедница на Турција за Македонија како економски партнер што ветува. Македонија со својата геостратегиска положба, евроатлантската перспектива и реформите кои значаат приближување кон ЕУ законодавството, има шанса да ги зголеми своите перформанси за турските инвстиции. Македонија за Турција може да биде регионален хаб (локација) или дел од него, во кој реално има интерес да се преселат производни индустрии наменети за ЕУ пазари, но и почва за современо земјоделско и сточарско производство, велат од МАТТО.

Според Комората, не треба да се забораваат ниту проектите со глобално значење како што е Патот на свилата, транспортните и енергетските коридори, и секако, блискиот балкански менталитет и културата, образованата и прилагодлива работна сила.

– Важно е Македонија да работи на себе, да има иницијатива и да ја артикулира, но и секогаш да има можност за партнерства, додаваат од МАТТО.

Иако поради политичката нестабилност турските инвестиции беа стопирани последниве две години, трговијата сепак, бележи благ раст – во првите шест месеци споредени со истиот период лани за 17,4 отсто и 30,5 проценти во однос на македонскиот извоз. Во 2017 година трговската рзмена беше 455,8 милиони долари што во однос на 2016-та е зголемување за 8,5 отсто.

– Нашите членки, турските инвеститори и македонските компани кои работат со турските партнери ја очекуваат поддршката од двете влади во смисла на натамошна либерализација на трговијата и влегување во заеднички проекти од регионалното и ЕУ значење, потенцираат од МАТТО.

Воедно потсетуваат дека во декември 2016 година претседателот Ердоган на Генералното собрание на Одборот за надворешна економска соработка на Турција (DEIK), објави дека Балканот ќе биде натамошен фокус на економската и трговската соработка, при што турската Влада остана доследна.

– Посетата на премиерот Зоран Заев на Република Турција во февруари, средбите на највисокото ниво – со претседателот Ердоган, премиерот Јилдирим, претседателот на турското Собрание и Унијата на турските комори, го потврди заедничкиот интерес за продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнувањето на трговијата, истакнуваат од Комората.

Посетата на министерот за економија Крешник Бектеши, пак, резултираше со замена на Протоколот за потекло од постоечката Спогодба за слободна трговија со Протоколот на Регионална конвенција за Пан евро медитерански правила за потекло на стоки (ПЕМ) и проширувањето на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со други земји. Со тоа се создадоа идентични услови во примената на правилата за потекло, при што дијагоналната кумулацијата ќе важи за земјите членки на ЕУ, ЦЕФТА и ЕФТА државите, а перспективно, и за земјите од Барцелонски процес, медитеранските земји не-членки на ЕУ.

На ова, дополнуваат од МАТТО, се чекаше од 2013 година откако двете земји пристапија кон Конвенцијата. Исто така беше договорено отворање на процесот на натамошна либерализација на трговија со земјоделски и прехранбени производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП