10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНепродуктивно земјоделство - милионски субвенции, а Македонија на дното во Европа

Непродуктивно земјоделство – милионски субвенции, а Македонија на дното во Европа

Македонското земјоделство е далеку понепродуктивно од европското. Приносите по хектар се неколку кратно пониски во однос на европскиот па дури и регионалниот просек. Субвенциите не даваат резултат – речиси половина ниви остануваат незасеани а секој месец за увоз на храна се одлеваат милиони!

Светот напредува, Македонија стагнира

Приносите по хектар варираат од сезона до сезона, пред се поради различните временски услови. Но, просекот во светски рамки има тенденција на постепен раст, а кај нас останува речиси непроменет.

Така, според најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2017-та приносот од хектар засеан со пченица бил 2.746 килограми, а во 2007-та бил 2.402 килограми. Најдобра реколта имало во 2016-та кога биле ожнеани 3.838 килограми. Ако се извади просек за изминатите десет години се доаѓа до 3.115 килограми годишен принос.

Од друга страна, според податоците на ОЕЦД, просекот на ниво на Европската Унија е 5.800 килограми по хектар. Во Србија достигнува 6.173, во Бугарија 4.819, во Албанија 4.716 и во Грција 4.145 килограми по хектар. Најдобро рангиран во светски рамки е Нов Зеланд со дури 9.000 килограми или речиси три пати повеќе од Македонија.

Светската Банка, пак, пресметала дека во изминативе 10 години просечниот принос на пченица на глобално ниво се зголемил од 3.306 на 3.966 килограми по хектар.

Ако се споредува производството на оризот и пченка разликите меѓу Македонија и светот се уште поголеми.

Субвенциите не дадоа резултат

Токму Светската банка уште пред две години предложи намалување на обемот и подобрување во таргетирањето на субвенциите во земјоделието.

„Владата на Македонија води многу дарежлива програма за земјоделски субвенции која опфаќа 90% од вкупниот буџет за земјоделието кој од 130 милиони во 2013 година е зголемен на 150 милиони евра во 2015 година. Земјоделските субвнции по хектар се над европскиот просек”, стои во овој извештај на меѓународната финансиска организација.

Само за годинава за земјоделски субвенции се предвидени 101 милион евра. Од нив дури 24 милиони се директна поддршка за растителното производство. Оваа сума е горе долу иста речиси 10 години, но не даде резултат за зголемување на производството.

Токму спротивното. Податоците на ДЗС покажуваат дека има тенденција на намалување на површините засеани со житни култури. Така, во 2007-та 43.000 биле под житни култури, а во 2017-та само 39.000. Вкупната засеана површина е непроменета изминатава деценија, останува на нивото од 67.000 хектари.

Најзагрижувачки е фактот што речиси половина од земјоделските површини со години остануваат незасеани.

Скоро пола држава е под земјоделско земјиште. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 км2 или 1.264.408 хектари се земјоделска – 7.503 км2 се пасишта, 4.150км2 се ораници и бавчи, 594 км2 се ливади, 232 км2 се лозја, а 159 км2 се овоштарници. Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на ДЗС од вкупната површина од 415.004 хектари засеани се само 276.567.

Од засеаните површини најголем дел или 58% се под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

50 милиони евра секој месец за увоз на храна

И додека половина ниви остануваат необработени Македонија троши милиони на увоз на храна.

Според последните податоци на ДЗС само во првиот квартал од годинава за увоз на храна биле потрошени 143 милиони евра што е за 6 милиони повеќе во однос на истиот период лани. Истовремено извозот на храна бил само 59 милиони евра и остварил раст од само 2 милиони.

Во првите три месеци од годинава биле потрошени дополнителни 21 милион евра за увоз на пијалаци и тутун.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП