23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Приштина – Косовскиот премиер Беџет Пацоли во изминатата година ја удвоил својата финансиска состојба, при што од моментот на назначувањето на функцијата заработил 130 милиони евра, објави приштинскиот весник „Зери“. Според даночната декларација на Пацоли, неговата финансиска состојба изнесува 350 милиони евра, што го става на чело на списокот на најбогатите политичари во Косово, додава весникот.

Белград – Српската национална валута вчера ослабе за 0,5 отсто на 113,0848 динари за едно евро, со што неговата вредност опадна на најниско ниво од почетокот на годината. Падот на вредноста на динарот не беше спречен, иако вчера Народната банка на Србија (НБС) на меѓубанкарскиот девизен пазар интервенираше со 30 милиони евра во обид да ја ублажи прекумерната осцилација на курсот на српската валута. Во 2013 година српскиот динар вредеше најмногу на 30 април, кога за едно евро се добиваа 110,5426 динари.

Анкара – Турската берза опадна на повеќе од десет отсто, а националната валута поевтини во однос на доларот за 0,7 отсто, поради продолжувањето на масовните протести и судири меѓу полицијата и демонстрантите во земјата. Загриженоста на инвеститорите, по ширењето на протестите, доведе вчера до пад на главниот индекс на турската берза за 10,47 отсто, а приносите на двегодишните обврзници се зголемија за рекордни 71 поени, на 6,78 отсто, објави „Фајненшел тајмс“.

Анкара – Финансиската вредност на грандиозните проекти, што Турција планира да ги реализира во текот на следните години, го надминува бруто домашниот производ на 130 држави, пренесе агенцијата Анадолија. Во текот на последните години Турција ги забрза големите проекти во областите на транспортот, инфраструктурата, енергетиката и одбраната. Меѓу овие проекти се изградбата на канал што ќе го олесни сообрќајот преку оптоварениот Босфор, атомските централи во Аккују и Синоп, изградбата на трет аеродром во Истанбул и други.

Никозија – Меѓународната рејтинг агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Кипар од Б на Б минус. Според „Фич“, Кипар не може да се справи со дополнителните економски потреси, покрај тоа постои опасност спасувачкиот план од 23 милијарди евра да не ги даде очекуваните резултати. Агенцијата наведува дека Кипар може да падне во поголема рецесија од очекуваното, а долгот да биде повисок од 126 проценти од бруто домашниот производ.

Загреб – Продажбата на фалсификувани лекови на глобално ниво во 2011 година изнесува 60 милијарди евра, а само во Европа трговијата со лажни лекови достигнува 10,5 милијарди евра. На овој ризик е изложен секој петти жител на ЕУ. Фалсификуваните лекови, кои лажно се претставуваат се тивок и подмолен убиец без посакуваниот ефект, а често содржат и отровни супстанци.

Брисел – Европската унија постепено ќе воведува царини на увоз на кинески соларни панели, најави еврокомесарот за трговија Карл де Гухт. Со тоа претставници на Брисел и Пекинг добија дополнителни два месеци за да пронајдат решение, по што овие антидампинг мерки ќе ги почувствуваат во целост. – Европската комисија денеска едногласно одлучи да воведе казнени царини на кинески соларни панели, по откритието дека на европскиот пазар се продавани и до 88 отсто под цената, изјави Де Гухт.

Париз – Автомобилскиот клуб на Франција во својот годишен извештај за трошоците на возачите, констатира дека и покрај се помалку извозените километри во текот на годината, средствата за одржување на автомобилите се се поголеми. За поседување и користење автомобил Французите годишно трошат меѓу 6.000 и 8.000 евра, пренесува дописникот на МИА од Париз. Заклучоците на извештајот се парадоксални. Французите трошат 1,2 отсто повеќе пари за автомобилите кои работат на бензин и 4,5 проценти повеќе за тие на дизел горива, а во исто време бројот на изминатите километри е намален.

Прага – Чешката економија веќе шести квартал по ред бележи пад, со што Чешка останува во рецесија, најдолга од постоењето на земјата. Според податоците на Чешкиот завод за статистика (ЧСУ), економијата  во првиот квартал од годината е намалена за 1,1 проценти во споредба со претходните три месеци. Споредено со првиот квартал од 2012 година, чешкиот бруто домашен производ (БДП) се намалил за 2,2 проценти.

Лисабон – Португалскиот економист Жоао Фереира до Амарал, чија книга „Зошто треба да го напуштиме еврото“ стана бестселер, смета дека само прашање на време е кога Португалија ќе излезе од европската монетарна унија. – Порано или подоцна, Португалија ќе биде соочена со откажувањето од еврото. Тоа е неизбежно, изјави Фереира до Амарал. Неговата книга, која е пуштена во продажба во април, е една од најпродаваните во Португалија во времето кога кризата во еврозоната се повеќе ги стега ремените и доведува до раст на невработеноста.

Гетеборг – Шведската автомобилска компанија „Волво“, која е во сопственост на кинеската корпорација „Џили“, се очекува годинава да ја зголеми својата продажба во Кина за околу 20 процени. Денеска официјално ќе биде отворена првата фабрика на „Волво ПВ“ во Кина, лоцирана во големиот урбан центар Ченгду. Таму ќе се произведува моделот „Волво С60Л“, продолжена верзија на С60. – Сега започнува ново поглавје за „Волво“ во Кина, изјави Ларс Даниелсон, шеф на одделот на „Волво ПВ“ за Кина.

Рим – Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) предупреди дека прекумерната телесна тежина и неквалитетната исхрана значително влијаат на светската економија и ги повика владите да инвестираат во здрава исхрана, бидејќи тоа ќа донесе голема економска и општествена корист. Намалената продуктивност и растот на трошоците за здравствена заштита поврзани со неквалитетниот начин на исхрана може да намалат до пет проценти од светскиот бруто домашен производ (БДП), односно 3,5 билиони долари годишно, наведува ФАО.

Сан Франциско – Продажбата на смартфони оваа година за прв пат ќе ја надмине продажбата на класични мобилни телефони и тоа се должи на „апетитот“ на економиите со брз развој на тој пазар. Според американската истражувачка компанија Инртернешнл Дата Корпорејшн (Ај-Ди-Си), смартфоните ќе имаат удел од 52,2 отсто на пазарот во светот и ќе достигнат бројка од 958,8 милиони продадени апарати. Тоа според компанијата значи пораст од 32,7 проценти.

Вашингтон – Еден пушач својот работодавец го чини во просек годишно 4.600 евра повеќе од еден непушач, покажуваат резултатите од едно американско истражување. Сумата варира од 2.200 евра до над 7.730 евра во зависност од секторот на дејност и позицијата која ја зазема лицето, нагласуваат експертите од Универзитетот во државата Охајо, кои го спроведоа истражувањето. Пушачите повеќе ги чинат работодавците поради паузата за пушење. Поради тие паузи работодавците губат по 2.350 евра годишно на пушач.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП