19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако одлука во Кина предизвика криза со отпадот во Англија

Како одлука во Кина предизвика криза со отпадот во Англија

Кина го забрани увозот на отпад – нешто што предизвика сериозни главоболки во светската индустрија за рециклирање.

Минатата година, Кина го забрани увозот на 24 видови отпад, вклучувајќи ги и пластиката и хартијата. На крајот од минатата недела, азиската земја ја прошири забраната со додавање на нов отпад во листата на забрани, вклучувајќи ги челикот и користените делови од автомобили и стари бродови, објави „CNN“.

Забраната предизвика сериозни последици во некои делови од светот. Еден град во Австралија почна да собира отпад на депонија бидејќи веќе нема капацитет да го рециклира.

Во Велика Британија, пластични отпадоци, исто така, почнаа да се чуваат, а на крајот ќе бидат изгорени.

Американскиот институт за рециклирање предупредува дека кинеската забрана го крши синџирот на снабдување и може да предизвика производителите да почнат да користат нови материјали.

Експертите сепак велат дека сето ова е неопходен аларм за земји како Велика Британија, САД, Австралија, Јапонија и други, кои се потпираат на Кина да им го откупува и рециклира сметот, наместо нив.

„Institute of Scrap Recycling Industries“ истакнува дека 31 отсто од извозот на отпадоци во САД отиде во Кина во 2017-та година.

Во Велика Британија, скоро сите пластични отпадоци се испраќаат во Кина и Хонг Конг за рециклирање.

Значи, додека азиската земја ги затвори вратите на „планините од отпад“, неколку земји, вклучувајќи ја и Англија, почнаа да зборуваат за воведување на даноци за некои пластични производи. Идејата е да ги поттикне луѓето да користат помалку пластични производи.

Други земји како Австралија инвестираа десетици милиони долари за да им помогнат на локалните општини да се борат со отпадот.

Сајмон Елин, извршен директор на британската „Recycling Association“, коментира дека кинеската забрана ги провоцира повеќе инвестициите во технологијата за рециклирање.

Тоа е затоа што Кина и другите големи купувачи на отпад, вклучувајќи доста европски земји, ќе продолжат да бараат висококвалитетни остатоци од кои преку рециклирање ќе создаваат нови производи. Со други зборови, Кина го забранува увозот на ниско квалитетен отпад кој ја загадува животната средина.

Земји како Индија, Индонезија, Виетнам, Германија и Холандија почнаа да откупуваат британски отпад, но по ниски цени и не сите видови.

Според Елин, некој ниско квалитетен отпад, како што е пластиката, е сериозен проблем, бидејќи нема пазар кој сака да ја купи.

Бидејќи Велика Британија веќе нема да може да извезува пластичен отпад, ќе се наметнат големи реформи во политиката за рециклирање, посочува експертот.

Според него, другите земји ќе го следат примерот на Кина и ќе го забранат увозот на ниско-квалитетно ѓубре.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП