7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзвршители - над 100 илјади граѓани и фирми со блокирани сметки!

Извршители – над 100 илјади граѓани и фирми со блокирани сметки!

Над 80 илјади граѓани и над 30 илјади компании имаат блокирани сметки. За извршителите нема зима. Но, кога и што може да наплатат и одземат?

Годишно намалување на бројот на блокирани

Заклучно со 31 декември 2017-та во Македонија имало 80.462 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2016-та нивниот број е намален за 1.801. Во истиот период имало 30.265 компании со блокирана сметка што е намалување за 5.074.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 233.931.

Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка.

Извршителите „омекнаа“

Помалиот број на блокирани сметки се должи на помеките правила кои лани беа воведени за извршителите. Со нив граѓаните и компаниите добија можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Има и засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Што може да запленат?

Доколку подолго време нема прилив на блокираните сметки законот дозволува извршителите да запленат дел од имотот на должникот, но има строги правила што и како може да биде одземено.

Телевизори, клима-уреди, машини за перење алишта и садови, микробранови печки, лустери, килими, троседи, двоседи, се најчестите предмети кои извршителите ги изнесуваат од домовите на граѓаните – должници. За наплата на долг може да се земат и бунди, вредни уметнички слики, златен накит, сребрен есцајг, мебел со антиквитетска вредност, музички инструменти.

Од домовите на граѓаните не смее да се земе се. Законот за извршување пропишува дека не смее да се одземат облека, обувки, долна облека и други лични предмети, постелнина, садови, мебел, шпорет, ладилник и друго со вообичаена вредност, потребно за задоволување на основните потреби за домаќинството. Не смее да се запленува ниту храна и огрев во залихи за три месеци, ортопедски помагала и слично.

Кога влегуваат кај должниците извршителите имаат и полициска придружба, проценител, носачи, а сето тоа се плаќа.

„Ќе се попишат онолку предмети колку што е потребно за намирување на доверителовото побарување и на трошоците на извршувањето. Првенствено се попишуваат предметите во поглед на кои нема забелешки за постоење на правото кое би го спречувало извршувањето и предметите кои најлесно можат да се претворат во пари, при што за тоа ќе се земе предвид и изјавата од присутните странки и од третите лица… Извршување врз подвижни предмети се спроведува со попис, процена, пленидба и продажба на предметите и намирување на доверителот од износот добиен со продажбата“ стои во законот за извршители.

Извршителите не блокираат социјална помош

Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршителите неодамна потпишаа меморандум со кој извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на примателите на социјална помош.

Со него извршителите имаат пристап до посебен електронски регистар, така што веднаш ќе имаат увид дека станува збор за луѓе од ранлива категорија.

Претходно овие лица чекаа и по неколку дена да заврши писмената коресподенција меѓу извршителот и Центарот за социјални работи, а дури потоа да им бидат деблокирани сметките и да имаат пристап до парите за социјална заштита. Оваа новина ја забрзува постапката и штити од непотребни трошоци, но не подразбира отпис на долговите, туку нивна наплата штом ќе имаат паричен прилив од друго место.

Извршителите наплаќаат по над 100 милиони евра годишно!

Според последниот извештај на Комората на извршители кој се однесува на 2016-та, таа година сите извршители заедно од граѓаните и фирмите наплатиле 118 милиони и 964 илјади евра! Во 2015-та сумата достигнала 107 милиони и 646 илјади, а во 2014-та 107 милиони и 876 илјади евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП