19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ повторно поплави... само 1 од 600 домови е осигурен од катастрофа

И повторно поплави… само 1 од 600 домови е осигурен од катастрофа

Силни врнежи и топењето на снегот предизвикаа поплави во горните текови на Вардар и Треска, под вода се дузина куќи во повеќе села како и големи земјоделски површини. Оваа слика се повторува секоја пролет но не е доволна причина да ги смени навиките на луѓето.

Само 5% од домаќинствата имаат полиси за осигурување, но само основни пакети кои не вклучуваат ризици од катастрофи. Само 1 од 600 македонски домови е осигурен од земјотрес, а 1 од 400 од поплава.

„Најголемо влијание на интересот за осигурување има веројатноста за остварување на даден ризик, а земјотресот важи за ризик, за којшто има мала веројатност да се случи. Но, со оглед на серијата послаби земјотреси коишто се случија низ Македонија изминатиов период очекуваме зголемен интерес“ велат во една од осигурителните компании кои нудат полиси кои покриваат и ризик од земјотрес.

И покрај релативно ниските цени најголем дел од домаќинствата се одлучуваат да го заштитат станот или куќата само откако банките ќе го побараат тоа од нив при одобрување хипотекарни кредити.

Полисите на домовите треба да се обновуваат секоја година и зависат пред се од самата градба на објектот како и од неговата местоположба.

Подрачјето на Македонија е поделено на 3 трусни зони: прва – Прилеп; втора –  Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар, Битола, Велес; трета – Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Куманово, Скопје, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Кочани, Свети Николе, Делчево, Виница, Штип, Радовиш, Берово, Неготино, Кавадарци, Струмица, Валандово.

Дополнително, цената зависи и од годината кога е објектот изграден, т.е. за објекти изградени до 1964 година цените се повисоки отколку за објектите изградени по 1964 година.

„Цената е во зависност од типот на градбата на зградата, дали е со армиран бетон, ѕидана конструкција или дрвена конструкција… Наједноставен пример, стан од 60 квадратни метри во централно градско подрачје со вклучен ризик од земјотрес и поплава се движи од 600 – 700 до 3.500 денари“ објаснуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Интересот за осигурување на земјоделските површини е уште послаб. Осигурителите проблемот го лоцираат во отштетите што ги исплаќа државата – зошто некој би плаќал за полиса кога најчесто при катастрофа добива владина помош.

„На тоа имаат влијание одлуките на Владите, и претходната и новата, во однос на директните обесштетувања на сите земјоделци или население што директно беа погодени од катастрофални ризици. И самите фармери, и самото население имаат предвид дека владите секогаш може да интервенираат и го губат мотивот“, изјави Климе Поповски, директор на Агенција за супервизија на осигурувањето.

Граѓаните, се чини, најмногу вложуваат во здравственото осигурување. Лани граѓаните склучиле 500 договори повеќе во однос на 2016-та. Осигурителните компании оствариле зголемени приходи за 3%, но за поголемо раздвижување на овој пазар, планираат осигурителните производи да ги продаваат преку интернет, особено автомобилското осигурување од одговорност.

„Минатата година беше релативно успешна за осигурителната индустрија во Македонија. Секторот забележа раст во однос на бруто полисираната премија и бројот на продадени договори за осигурување и покрај тоа што растот беше поумерен во однос на претходната година пред се поради се уште присутното влијание на ризици од неекономска природа“ изјави Климе Поповски, Агенција за супервизија на осигурувањето.

Во Македонија работат 16 друштва за осигурување и тоа 11 за неживотно и пет за животно осигурување.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП