1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто треба да знаете пред да земете кредит од банка

Што треба да знаете пред да земете кредит од банка

kredit1

Пред да одлучите дали да земете кредит, внимателно разгледајте ја оправданоста на инвестицијата кој сакате да ја финансирате на тој начин.

Избрзана и непромислена одлука може да биде долгорочен товар за вас или за вашата фирма.

Доколку сакате да се осигурате дека ќе можете уредно да го сервисирате долгот по кредитот и тековните обврски што произлегуваат во текот на редовното работење, најдобро е да направите бизнис план. Добро направениот бизнис план првенствено ќе ви помогне да донесете правилна одлука кога станува збор за кредитно задолжување, а воедно и да ги убедите кредиторите дека се работи за профитабилен бизнис потфат.

 

 

При земањето на кредит потребно е да се внимава на следново:

– Што е тоа ефективна каматна стапка и кои надоместоци се вклучени во пресметката на истата

– Дали номиналната каматна стапка е фиксна или променлива

– Колкава интеркаларна камата се пресметува доколку кредитот е со грејс период

– Колкав е вкупниот износ кој ќе го платите по основ на камати и надоместоци на банката

– Проверете во која валута се исплаќа кредитот

– Кој девизен курс го користи банката за пуштање на кредитот, а кој за отплата на кредитот

– Какви средства за обезбедување се потребни и колкави се трошоците за добивање документацијата која ја бара банката /

– Колкав е надоместокот за проценка на движен и недвижен имот,

– Колкави се трошоците за осигурување на заложениот имот

– Висината на нотарските трошоци доколку предметот треба да се потпишува пред Нотар

– Дали е потребно учество за кредитот

– Дали Банката го задржува правото да прави промени во одредени услови на договорот за кредит и во кои услови

– Дали во договорот се предвидени трошоци за предвремена отплата

 

kredit

 

Основни поими поврзани со кредитите:

Камата – паричен износ што се плаќа за користење на позајмените средства, односно цената на кредитот.

Каматна стапка – стапка за вкаматување изразена во проценти. Покажува колку парични единици плаќаме за секои 100 позајмени парични единици за одреден временски период.

Номинална каматна стапка – претставува цената на отплата на кредитот и врз основа на неа се врши пресметка на каматата на кредитите. Номиналната каматна стапка се пресметува на преостанатиот дел од долгот.

Ефективната каматна стапка – ја претставува вистинската вредност на кредитот, која овозможува лесно да се направи споредба на условите под кои различни банки нудат исти видови на кредити во истата валута. Ефективната каматна, покрај номинална каматна стапка, ги вклучува и провизиите и надоместоците платени од страна на клиентот за одобрување на кредитот.

Фиксна каматна стапка – е однапред определена каматна стапка која не се менува за периодот на отплата на кредитот.

Променлива каматна стапка – каматна стапка која може да се промени на повисоко или пониско ниво. Во денешно време најчесто се усогласува со Еурибор.

Интеркаларна камата – Интеркаларна камата е камата која се пресметува и наплатува за време на користење на кредитот, односно до моментот кога се отпочнува со отплата на кредитот. Се пресметува од моментот на исплата до првата уплата на кредитот. Така на пример, ако Вашиот кредит го подигнете на 15 Мај, првата рата ја плаќате  на 1 Јули, интеркаларна камата ќе Ви пресметаат до 1 Јули а ќе си ја платите во првите денови од Јуни.

ЕУРИБОР (Euro Interbank Offered Rate) – референтна каматна стапка на кредитите во евра помеѓу првокласните банки. Од 1999 година Еурибор ги замени националните референтни каматни стапки. Висината на каматната стапка може да се усогласува во однос на Тримесечен ЕУРИБОР, Шестмесечен ЕУРИБОТ и Годишен ЕУРИБОР.

Грејс период – период на мирување во кој не се отплаќа главница. Грејс периодот може да трае од неколку месеци до неколку години, а истиот период спаѓа во рокот за отплата на кредитот. Пример, ако рокот за отплата на кредитот е 5 години со грејс период од 2 години, преостанатото време да се врати кредит е 3 години.

Затезна камата – каматата која ја плаќа клиентот покрај редовната камата доколку не ја плати главницата на денот на доспевање.

Трошоци за обработка – надоместоци што се наплатуваат на име на посебни услуги за обработка на кредитот.

Амортизационен план – план за отплата на кредитот, обично е во форма на табела, која за секој пресметковен период покажува ануитет, камата, рата и преостанат долг.

Сметководствени периоди – година, полугодие, квартал, месец

 

kredit2

 

Добро е да се знае:

Најлесен начин да ги споредувате условите под кои банките ги нудат кредитите е преку споредба на ефективната каматна стапка. Доколку ефективната каматна стапка на годишно ниво е пониска – кредитот е поевтин.

Кај кредитите со различен период на отплата висината на ратата не претставува вистински показател за цената на кредитот. Кредитите со подолги рокови може да имаат пониска месечна рата, но тоа не значи дека вкупните обврски по кредитот ќе бидат помали.

Бидете внимателни на можноста на банката еднострано да ги менува условите на договорот за кредит, како на пример “Променлива каматна стапка”.

Ако ги помножите износот на ратата на кредитот со вкупниот број на рати и ги додадете дополнителните трошоци, можете лесно да пресметате колку ќе платите вкупно за кредитот. А на тоа ако ги додадете и другите трошоци, како што се проценка, упис на хипотека, осигурување, може да добиете слика колкави ќе бидат вкупните трошоци на кредитот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП