22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзвозот расте побргу од увозот, се намалува трговскиот дефицит

Извозот расте побргу од увозот, се намалува трговскиот дефицит

Извозот расте побргу од увозот, се намалува трговскиот дефицит. Ова е еден од ретките позитивни економски показатели за минатата година. Бизнисмените изготвија стратегија која треба да им помогне на ова поле.

Германија останува прв трговски партнер

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2017-та вкупната вредност на стоките и услугите што завршиле на странските пазари достигнала 5 милијарди 7 милиони и 196 илјади евра со што бил остварен раст од 15.6%. За истиот период  биле внесени производи кои чинеле 6 милијарди 824 милиони и 916 илјади евра со што бил остварен раст од 11.7%. Со тоа покриеноста на увозот со извоз била 73.4%, а трговскиот дефицит бил 1 милијарда 819 милиони и 572 илјади евра.

Најголем трговски партнер на Македонија останува Германија со која и натаму имаме суфицит (извоз од 2 милијарди и 350 милиони, а увоз од 803 илјади евра). На второто место е Обединетото Кралство со кое имаме дефицит (извоз од речиси 68 милиони, а увоз од скоро 691 милион евра). Трета е Грција (извоз од 180 милиони, а увоз од 546 милиони евра). Србија е четврта (извоз од 219 милиони, а увоз од 489 милиони евра). Бугарија е на петтото место и е една од ретките земји со кои размената е речиси изедначена (извоз од 293 милиони и 544 илјади евра, а увоз од 293 милиони и 189 илјади евра).

Македонија најмногу извезува производи од преработувачката индустрија (вкупната вредност лани достигнала 4 милијарди и 472 милиони евра). На второто место се земјоделските производи (240 милиони евра). Трети по вредност се рударството и вадењето камен (речиси 206 милиони евра).

Стратегија за поттикнување на извозот

Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот во студијата што ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.

„Извозот претставува стратешки одговор за растот на секоја компанија, но и за економијата на една држава. Со него се обезбедува поголем девизен прилив во земјата, компаниите стануваат поконкурентни усогласени со меѓународни стандарди и процедури, што за возврат резултира со поголем профит и можност на компаниите да се стремат кон максимално искористување на своите капацитети“ велат во Стопанската Комора.

Формиран Клуб на извозници

Пред неколку месеци Стопанската Комора формираше и Клуб на извозници кој треба да им помогне на компаниите преку развивање на трговските контакти и насочување поттикнување на повисоки облици на соработка.

Најголемите проблеми со кои се соочуваат извозниците се: различните прописи, нецаринските бариери, неусогласените законодавни системи, недоволното знаење за критериумите на извозните пазари, продажните канали, логистиката и условите за испорачување, како и недостатокот од маркетиншки и продажни вештини.

„Работата на Клубот е целосно насочена кон развивање и унапредување на соработката со надлежните институции во земјата и во странство преку предлози за решавање на проблемите во одделните компании и дејности и подготовка на мислења и ставови по одредени прашања поврзани со истите“ велат во Стопанската Комора.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП