27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: со измени на законот до затворање на рудниците

Анализа: со измени на законот до затворање на рудниците

Рударите во грч – алармираат дека законските измени кои се влезени во процедура ќе бидат катастрофални за секторот, дека сите капацитети ќе мора да стават клуч на врата, а без работа ќе останат речиси 13 илјади луѓе. Пратениците предлагачи, пак, остануваат на ставот дека заштитата на животната средина мора да биде приоритет, а најголем дел од невладините се против изградба на нови рудници, но и за воведување строги контроли во постојните.

Македонска асоцијација за рударство (МАР) предупредува дека измените на Законот за минерални суровини би предизвикале целосно затворање на сите рудници во Македонија.

„Бидејќи рудниците не работат сами за себе и не само рудниците користат опасни супстанци, условно кажано, тоа значи дека ние треба да ја затвориме целокупната индустрија во Македонија“ изјави Николајчо Николов, претседател на МАР.

Инаку измените кои се веќе влезени во собраниска процедура и тоа по скратена постапка предвидуваат целосна забрана за употребата на цијанид и сулфурна киселина во работата на рудниците.

Предлагачите, група пратеници од владејачкото мнозинство, велат дека со измените сакаат да ги запрат издадените концесии за спорните рудници Казандол и Иловица.

„Истражувањата се однесуваат  главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар, многу е веројатно да се претпостави дека сите тие ќе предложат најевтини и најопасни техники и технологии за нивна експлоатација. Тоа би значело дека околу 10.000 километри квадратни од нашата земја ќе се разори од површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата. Најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделство и туризам, кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за 2% профит за општините и 98% профит за концесионерите“ стои во образложението на предлагачите пратеници.

Од Асоцијацијата за рударство, пак, велат ова ќе влијае и врз оние што работат со децении наназад.

„Според нашата проценка, штетата која државата во одреден временски период да го исплати на концесионерот би изнесувало од 1 до 3 милијарди евра. Ако државата е спремна да отиде во таа насока не земајќи предвид ниту интересот на 13.000 директно вработени во рударството кои што ќе се остават без работа, ниту сите наши комитенти кои што се над 2.000 и 90% од нив се во државата“ рече Максим Прохоров, директор за инвестиции во Рудник САСА.

Еколошките здруженија подолго апелираат да се запре изградбата на нови рудници, а во повеќе градови беа организирани и референдуми против нив.

„Региониве каде издале над 80 концесии, се региони детерминирани за развој на земјоделието, туризам и лесна индустрија. Во старт, целокупните постапки се спротивни на законот, спротивни на просторниот план. Дали ви се верува дека за да ја прекопате државата, да го вадите тоа општо добро, нашето национално богатство во форма на злато, нема ни тендер, нема јавен тендер и оглас, туку се дава на основа на барање“, изјави неодамна Ангел Наков од Здружението „Спас за нас“ од Гевгелија.

Рударството во декември беше во позитива од 1.8%, но на годишно ниво оствари негатива од 1.8%. Лани индустриското производство пораснало за само 0.2%. Во декември 2017-та во однос на истиот месец од 2016-та дури има и пад од 2.6%.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) на месечно ниво во позитива од 1.8% е единствено секторот рударство и вадење камен. Во негатива од 1.5% е преработувачката индустрија а од дури 11.2% е снабдувањето со електрична енергија, пареа и гас.

Анализата на потсекторите од преработувачката индустрија покажува драстични флуктуации – од плус 80 до минус 50 проценти. Така, во декември 2017-та во однос на декември 2016-та производството на електрична опрема било зголемено за 82.2%, на фабрикувани метални производи за 42.6%, на мебел за 27.3%. Од друга страна пад од 50.0% има кај преработката на дрво и производи од дрво, од 44.3% кај останата производствена индустрија, од  30.1% кај хемикалиите.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП