Македонската ракометна репрезентација во првиот меч, во втората фаза на Европското првенство во Хрватска, доживеа пораз од Шпанија 20:31 (6:15), што воедно претставува и прв пораз за Македонија на ова ЕУРО.
Она што го загрижи стручниот штаб, покрај играта на теренот, беше и повредата на Кирил Лазаров, кој поради болките во „задната ложа“ излезе од игра во 12.минута и повеќе не се врати на теренот.
На ниво на натпреварот беа голманите Ристовски и Митревски заедно имаа 17 интервенции. Ристовски во првите 20 минути со своите одбрани ја држеше разликата на пет гола, а Митревски во второто полувреме не дозволи на Македонија да и се случи катастрифа.
Македонија по овој пораз остана на три бода во Групата 2, каде на првите три позиции се Данска со 6, односно Шпанија и Германија со 4 бода, а зад Македонија се Чешка со два и Словенија со еден бод.
Наредниот меч Македонија го игра на 23 јануари против Чешка (20:30 часот).