Глобалниот долг се зголеми на рекордни 233 илјади милијарди долари во третиот квартал од 2017-та година, што е 16 илјади милијарди долари повеќе од крајот на 2016-та година, според анализата на „Institute of International Finance“. Приватниот долг на нефинансискиот сектор достигна рекордни износи во Канада, Франција, Хонг Конг, Јужна Кореја, Швајцарија и Турција, објави „Блумберг“.
Во исто време, сепак, односот на долгот кон бруто-домашниот производ (БДП) се намали за четвртиот последователен квартал, како што се забрзуваше економскиот раст. Односот сега изнесува околу 318%, што е 3 процентни поени под нивото на третиот квартал од 2016-та година, вели „IIF“.
„Комбинација на фактори, вклучувајќи синхронизиран глобален раст над потенцијалот, забрзување на инфлацијата (во Кина, Турција) и напорите за спречување на дестабилизирање на акумулираниот долг (во Кина, Канада), придонеле за падот“, пишуваат аналитичарите на „IIF“ во својот коментар.
Сепак стекнатиот долг може да дејствува како сопирачка за централните банки, кои се обидуваат да ги зголемат каматните стапки, со оглед на стравувањата околу капацитетот за сервисирање на долгот од силно задолжените компании и влади, пишуваат уште аналитичарите на „IIF“.
Кина, на која се должи новиот долг на пазарите во развој, бележи забавување на темпото на акумулација на долговите, пренесува „Ројтерс“. Обврските се зголемија за 2 процентни поени од минатата година на 294% од БДП-то во споредба со просечниот годишен пораст од 17 процентни поени за периодот 2012-16-та.
„IIF“ предупредува за „сериозно купување од пазарите во развој“, истакнувајќи дека достасување на обврзниците и заемите за над 1,5 илјади милијарди долари ќе биде на крајот на 2018-та година. Кина, Русија, Јужна Кореја и Бразил ќе мора да го исполнат тешкиот распоред за отплата на долговите во долари во оваа година, додаваат од институтот.