2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на странските инвестиции - за 9 месеци само 50 милиони евра!

Пад на странските инвестиции – за 9 месеци само 50 милиони евра!

Само 50 милиони и 600 илјади евра странски капитал влегол во Македонија во првите девет месеци од годинава. Ова е за 140 милиони евра или за 73.5% помалку во однос на истиот период лани.

Најголеми приливи од Австрија и Германија, а одливи кон Британија и Америка

Податоците на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека во првите девет месеци од годинава најмногу инвестиции имало од Австрија (23 милиони), Германија (23 милиони), Сент Винсент и Гренадини (20 милиони) и Луксембург (13 милиони).

Во истиот период најмногу пари се одлеале кон Обединетото Кралство (76 милиони) и Соединети Држави (14 милиони).

Во третиот квартал негативно салдо од скоро 58 милиони евра!

Гледано по квартали, Македонија била во позитива само во првиот. Во период од јануари до март влегле директни инвестиции во вредност од 110 милиони евра. Во вториот имало одлевање од скоро 7 милиони, а во третиот минусот достигнал дури 50 милиони евра.

„Ова е резултат главно врз основа на меѓукомпанискиот долг (59.1 милион евра), кои само делумно се неутрализирани со нето – приливите од реинвестирањето на добивката (11.4 милиони евра), во услови на исплати на дивиденди кон странските инвеститори“, наведува НБРМ во најновиот извештај.

Новата Влада со нова политика кон странските компании

Новата Влада најави и нова политика кон странските компании. Субвенциите ќе зависат од висината на платата што ќе ја даваат на своите вработени. Посебен акцент ќе биде ставен кај вработувањето на високообразовниот кадар. Сепак, новата Влада најави дека ќе ги почитува старите договори со постоечките инвеститори кои досега имаа низа привилегии.

Досега поволностите за странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираа во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања, инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се даваше под концесија до 99 години. Инвеститорите беа ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаа приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата учествуваше и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500.000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони беа целосно ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесуваше 0%. Во период од 10 години тие беа ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Се уште нема детали која стратегија за привлекување инвеститори ќе ја имплементира новата Влада.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП