19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБУЏЕТ 2018: Вкупни расходи во износ од 211,7 милијарди денари, 400 милиони...

БУЏЕТ 2018: Вкупни расходи во износ од 211,7 милијарди денари, 400 милиони евра за капитални инвестиции

Вкупните расходи во Буџетот за 2018 година, планирани во износ од 211,7 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија и интензивирање на инфраструктурните проекти, како и делумно враќање на стари наталожени долгови.

  • Расходите за исплата на плати се проектирани на 27,1 милијарди денари, и во рамки на овие средства обезбедено е покачување на платите за 10% за сите припадници на армискиот состав од јануари 2018 година.
  • Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17,5 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението. Во текот на 2018 година ќе продолжи определбата за спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи. 
  • Тековните трансфери и субвенции планирани во 2018 година се планирани на ниво од 133,9 милијарди денари, и се однесуваат на:
    •  Социјални трансфери, проектирани на износ од 98,7 милијарди денари, и тоа:
      • Во 2018 година, 54 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, со вклучено редовно законско усогласување.
      • За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 950 милиони денари, во чии рамки се вклучени и потребните средства согласно законските измени за решавање на материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна државна сопственост.
      • За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 988 милиони денари. Овие средства ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица – младинска гаранција. Ова претставува историски највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.
      • За здравствена заштита се планирани средства во износ од 28,2 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2017 година за околу 1,1 милијарда денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавните здравствени установи за 5% почнувајќи од исплатата на септемвриската плата во 2018 година.
      • Во Буџетот предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата од социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 8 милијарди денари. Истовремено, планирани се и средства за поддршка на функционирањето на постојните дневни центри и народните кујни, како и средства за субвенционирање на трошоците за потрошувачка на енергија на најзагрозените категории на граѓани. Во буџетот се планирани и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари согласно актуелното законското решение. Со оглед на веќе видливите успешни ефекти на овој проект (раст на платите од 4,7% во септември, највисок во последните речиси 7 години), цврсто веруваме дека ова претставува еден од најдобрите проекти на новата Влада.
  •  Субвенциите во земјоделството, како и значителниот износ на средствата од ИПАРД програмата, ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на извозот на македонските земјоделски производи и освојување нови пазари.
  •  За вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата планирани се средства во износ од 1,2 милијарди денари.
  •  За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерките за нови гринфилд инвестиции, мерките за поддршка на извозот, поддршката на малите и средните претпријатија, како и иновативната дејност планирани се средства во износ од 1,1 милијардa денари.
  •  Предвидени се трансфери до ЕЛС во износ од 17,9 милијарди денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ.

За капиталните инвестиции се издвојуваат значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од 24,6 милијарди денари или 400 милиони евра, односно повисоки за 5,3% од 2017 година. Во 2018 година планирано е инвестирање во повеќе области и тоа за: интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор X и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравството, образовнието и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Поконкретно, во текот на 2018 година, планирано е:

  • Капитални расходи за патната и железничка инфраструктура во износ од 3,5 милијарди денари. Во овие рамки во 2018 година предвидено е да се заврши изградбата на нова модерна автопатска делница Демир Капија– Смоквица, со што ќе се комплетира главната делница на Коридор X. Проектот се финансира од сопствени средства, користење на кредитно задолжување од ЕБОР и ЕИБ и средства од ИПА фондовите. Со цел модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X, финансирана со заем од ЕБОР. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај. Во текот на 2018 година предвидени се средства и за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор VIII – делница Куманово- Бељаковце- Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Во текот на 2018 година ќе се интензивира рехабилитацијата и доизградба на железничката пруга „Битола – Кременица“, со што ќе се обезбеди алтернативен начин за поврзување со Република Грција.
  • Вложување во енергетската и комунална инфраструктура, за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 5,8 милијарди денари. Во текот на 2018 особено внимание ќе се посвети на забрзување на процесот на гасификација на земјата, со цел постепено поголемо користење на извор на енергија кој е поефтин и помалку штетен за животната средина. Притоа, предвидено е продолжување на активностите околу изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.
  • Ќе продолжи со интензивирана динамика изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката. Истовремено, преку Проектот за подобрување на општински услуги финансиран од Светска банка ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициони зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги. Преку ИПА средства ќе се поддржи изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево, како и рехабилитација на канализационата мрежа во општините Куманово, Берово и Прилеп.
  • Уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи, за која намена планирани се 431 милиони денари.
  • За здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1,9 милијарди денари, наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, финансиран од буџетски средства и кредит од Банката за развој при Советот на Европа, за набавка на медицинска опрема, реконструкција на Општа болница во Кичево – Фаза 1 и отпочнување со имплементација на фаза 2.
  • За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капиталните инвестиции во износ од 2,4 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.
  • Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,6 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства. Во овие рамки, со поддршка од ЕИБ планирано е во 2018 година да започне реализацијата на втората и третата фаза од проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“, со што ќе се обезбеди наводнување на 4.570 хектари нето површина која се наоѓа во општините Пробиштип и Кратово и изградба на мали хидроцентрали по течението на реката Злетовица. Исто така, ќе започне и изградбата на системите за наводнување во Валандовскиот регион, кои се финансираат со заем од КфВ преку втората фаза на Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар.
  • Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 544 милиони денари, а во 2018 година ќе продолжи со имплементација Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа.
  • Во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи, во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливи групи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа во износ од 330 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП