26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнвестициски проекти на МЕПСО дел од европскиот десетгодишен план за развој на...

Инвестициски проекти на МЕПСО дел од европскиот десетгодишен план за развој на преносната мрежа

MEPSO

Новите 400 кв интерконекции Штип-Ниш и Битола–Елбасан, новата 410/110 трансформаторска станица кај Охрид, инвестициски проекти на Македонскиот електропреносен оператор МЕПСО вредни над 50 милиони евра, се интегрирани во десетгодишниот план за развој на преносната мрежа на европскиот континент TYNDP 2012 одобрен од Европската асоцијација на преносни систем оператори (EHTCO-Е).

Најзначајните приоритети на МЕПСО се дел од европскиот „мега план“ TYNDP 2012 во кој се опфатени повеќе од 100 проекти, вредни 104 милијарди евра наменети за ревитализација, надградба, модернизација или изградба на 51.550 километри далекуводи ширум европскиот континет.

Ова го презентираа експерти на МЕПСО на денешната конференција за предизвиците на преносната мрежа во Југоисточна Европа, во организација на Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК). Делот на МЕПСО во реконструкција, односно ревитализација на таа мрежа е изградба на целосно нова високонапонска далекуводна мрежа во должина од околу 165 километри чија вредност е 50 милиони евра. Тука се двата големи проекти од национално значење, првиот со поврзувањето со Србија, изградбата далекуводот Штип–Ниш, а вториот проект за кој моментно е завршена физибилити студијата е изгардбата на 400 киловолтниот далекувод. Битола–Елбасан. Моментно почнуваме со изработка на основен проект, изјави генералниот директор на МЕПСО, Синиша Спасов.

Според него, покрај проектите од регионално значање, МЕПСО вложува во реконструкција и ревитализација на постоечката мрежа. Тука пред се се проектите за реконструкција на повеќе од 50 години старите далекуводи во централниит дел на Македонија и набавката на нов енергетски трансформатор 400/110 кв и на нов контролно управувачки скада систем чијашто вредност е приближно 4 милиони евра, рече Спасов.

Изградбата на далекуводите со кои Макеоднија ќе се поврзе со Србија и со Албанија, новата трафостаница во Охрид и ревитализацијата на преносната мрежа во источна, во централна Македонија и во Полог, се дел од 18 приоритетни проекти на МЕПСО кои произлегоа од Студијата за развој на преносната мрежа во периодот 2010-2020 година. Експерти на МЕПСО ја изработија студијата во соработка со надворешни консултанти и експерти за планирање, надградба и развој на преносни мрежи.

Студијата е инвестициско-оперативен план со конкретни рокови и суми, изработен за да се задоволат сите потреби за пренос на потрошувачите и на производителите на електрична енергија до 2020 година. Изработени се различни сценарија за развој на условите и потребите во елекроенергетскиот систем во земјава. Сценаријата вклучуваат различни услови за развој и предвидуваат различни предизвици со кои ќе треба да се соочи МЕПСО за да ја гради и да го зголемува капацитетот на преносната мрежа. Сите сценарија во својата основа го имаат растот на потрошувачката на електрична енергија парарелно со создавање услови за приклучоци на нови капацитети за производство на електрична енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП