2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРетроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“

Ретроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“

Ретроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ ќе биде отворена на 2 ноември со почеток во 20 часот во „Даут пашин амам“, во организација на Националната галерија на Македонија, Министерство за култура и Фондацијата „Илија Камчев“.

Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии.

Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земајќи предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, проектот како јубилејно одбележување на 90 години од неговото раѓање всушност ќе вклучи еден своевиден пресек на неговото творештво, како потестување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.

На изложбата која подразбира 90 години јубилеј од раѓањето на академскиот сликар Петар Мазев, ќе бидат поставени дела од повеќе фази од неговото творештво.

„Станува збор за уметник кој е несомнено на врвот на македонското современо сликарство. Се работи за автор со индивидуалност на која не ѝ требаат апологетски терминолошки одредници, за индивидуалност што најдобро се брани без посредници, со самото живеење на уметничкиот израз врз платното. Мазев е речиси единствен претставник на својата сликарска генерација чие творештво течеше по оригинална и единствена насока на развојниот дијаграм.  Визијата на Мазев тргнува од реалноста само затоа низ разработувањето да ја поништи како таква во самото дело: конкретниот свет му служи само како повод за бегање во сопствената реалност. Затоа неговиот опус сè уште е отворен и привлечен за ново разоткривање“, велат организаторите во најавата за изложбата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП