19 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(13.05 – 17.05.2013)

 

 

Неделата зад нас во најголем дел ја одбележа цeновниот раст на акцијата на Макпетрол АД Скопје. Од стартните 14.742 денари за акција во понеделникот, цената на затворање во петокот достигна 17.746 денари или гледано низ проценти, неделниот пораст изнесуваше 20,38%. Притоа, беа истргувани 84 акции (просечно 17 акции дневно) и се реализираше промет од 1,34 милиони денари. Од Макпетрол изминатата недела пристигна само неревидираниот квартален финансиски извештај за Q1-2013 во кој се нотираше загуба од 147 милиони денари (безмалку 2,5 милиони евра), додека соопштение од компанијата со објаснување за ценовниот раст сеуште нема.

Гледано низ бројките за остварениот промет, повторно имаше навидум „богата“ недела со реализирани 76,9 милиони денари промет и две блок трансакции (со акциите на Алаклоид Скопје во вредност од 13,3 милиони денари и со акциите на Карпош Скопје во вредност од 14,7 милиони денари). Но ако се навлезе во структурата на прометот, 62% од истиот отпадна на тргување со државни обврзници или 47,8 милиони денари. Останатиот промет главно се концентрираше во поликвидните акции, па Комерцијална банка Скопје реализираше промет од 8,3 милиони денари, Алкалоид Скопје од 5,5 милиони денари, Реплек Скопје од 4,5 милиони денари (средата беше последен ден со право на дивидеда), Кјуби Македонија Скопје со 3,8 милиони.

Индексот МБИ10 неделата ја заврши со пораст од +0,96%, индексот МБИД пак забележа неделен пад од -1,31%.

Поголем дел од регионалните берзи втора последователна недела бележат намалување на вредностите на индексите. SBI10 неделата ја заврши со посериозен пад од -2,15%, Crobex забележа неделен пад од -1,05%, Белградскиот Belex забележа пад од -1,02%, додека софискиот Sofix имаше намалување од -0,16%.

Берзите во САД четврта последователна недела завршуваат во плус и достигнуваат нови и нови рекордни нивоа. Податоците за порастот на довербата кај потрошувачите и вербата во скорешно комплетно излегување од кризата се покажаа појаки од најавите за намалувањето на програмата за стимулирање на економијата и податоците за побавниот од очекуваниот раст на американската економија. Па така DOW JONES имаше раст од +1,74% на неделно ниво и во петокот достигна ново максимално ниво од 15.354 индексни поени. NASDAQ неделата ја заврши со раст од +1,57%, а S&P 500 неделата ја заврши со пораст од +1,98%. Слична е состојбата и на европските берзи кај кои најавите за забавеното опоравување и можната растечка инфлација очигледно не ги поколебаа инвеститорите. DAX забележа неделен пораст од +1,43%, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +1,38%, додека францускиот CAC 40 имаше раст од +1,42%. На азиските берзи NIKKEI 225 имаше пораст од +2,44% HANG-SENG забележа пораст од +2,19%.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП