29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСекој петти Македонец е сиромашен - речиси 7% од домовите само со...

Секој петти Македонец е сиромашен – речиси 7% од домовите само со полско WC!

Секој петти Македонец живее во сиромаштија – проблемот е најголем кај најмладите, а најмал кај највозрасните. 17-ти октомври е Светски ден за борба против сиромаштијата…

Секој петти Македонец живее во сиромаштија

Секој петти Македонец живее во сиромаштија. Стапката на сиромаштија изнесувала 21.5% во 2015-та. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на 2014-та е намалена за 0.6, а во однос на 2013-та за 2.7 процентни поени.

Минатата година 445.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 6.500, а за четиричлено домаќинство 13.666 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 28.6%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 14.5%. 39.7% од невработените, 8.9% од вработените и 7.3% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Македонски домови: 6.9% имаат само полско WC, 5.8% немаат када или туш

6.9% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 5.8% немаат када или туш, а 12.9% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува најновата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2015-та“ на ДЗС.

3.8% од семејствата немаат ни фиксен ни мобилен телефон, 0.7% немаат телевизор, 28.5% немаат компјутер, 5.4% немаат машина за перење, а 39.7% не поседуваат автомобил.

Според истата публикација македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.5 соби односно 0.9 соби по член (просечната големина на домаќинствата е 3.7 луѓе). 72.6% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 10.6% во лепенки, 16.6% во станови.

За една година трошоците зголемени за 1.7%, платата за 1.5%

Трошоците на живот пораснале за 1.7% за една година. Според последните податоци на ДЗС во септември годинава во однос на идниот месец лани храната и пијалаците биле поскапи за 0.8%, алкохолот и цигарите за 6.7%, комуникациите за 9.5%, транспортот за 6.3%. Истовремено поевтинила облеката за 0.3% и трошоците за здравје за 1.2%.

Просечната плата за една година пораснала за 1.5%. Статистичарите измериле дека таа во јули изнесувала 22.671 денар.

Гледано по сектори, најдобро платени се работниците од финансии и осигурување, како и од снабдување со електрична енергија и гас; најслабо платени се работниците во хотелиерството, и преработувачката индустрија.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите, а најслабо  кожарите и чевларите.

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Потрошувачката кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ) во август годинава била 151 денар „потешка“ во однос на истиот месец лани.

Според пресметките на ССМ за едно четиричлено семејство да го протурка месецот се потребни 32.316 денари.

Најголем дел од овие пари (41%) одат на храна и пијалаци, потоа на трошоци за домување (33%), па хигиена (7%), превоз (7%), облека и обувки (6.5%), култура (3.5%) и здравје (2%).

Светски ден за борба против сиромаштијата – што да се преземе?

За вистинска борба против сиромаштијата е потребен системски пристап, коментираат експертите од оваа област. Според нив треба да се редефинираат мерките на социјалната заштита.

„Домаќинствата со три и повеќе деца имаат највисок степен на сиромаштија, односно 52 проценти од нив живеат во ризик од сиромаштија. Од друга страна, основниот инструмент кој е насочен кон оваа категорија лица, а тоа е социјалната парична помош, не се зголемува со бројот на деца доколку имаат повеќе од три. Затоа е потребно интервентно редефинирање на таа мерка“ смета професорката Маја Геровска Митева.

На Светскиот ден за борба против сиромаштијата премиерот и министрите за труд и социјална политика и за финансии упатија видео порака.

Премиерот Зоран Заев посочува дека сиромаштијата не бира по вера и боја, секој може да настрада и затоа на секој треба да му се помогне.

„Денеска на Меѓуанродниот ден на сиромаштијата јасно порачуваме дека борбата против нееднаквоста е борба против сиромаштијата“, вели Заев во видео пораката.

Најранливите се нашиот приоритет посочува министерката за труд Мила Царовска.

„Треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, како и на квалитетно и достапно образование и социјални услуги“, вели Царовска.

Министерот Драган Тевдовски, пак, посочува дека Владата презема сериозни мерки за да се намали стапката на сиромаштија.

„Не само што дел од населението живее во сиромаштија, туку е значаен и бројот на сиромашни што работат со полно работно време“ посочи Тевдовски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП