19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЕвробаскет: Србија е вториот финалист

Евробаскет: Србија е вториот финалист

Кошаркарската репрезентација на Србија по пауза од осум години повторно ќе игра во финале на Европско првенство. Србија во полу-финалето на 40. Европско првенство совлада Русија 87:79.

Србија успеа да и се реваншира на Русија за поразот во првата фаза (72:75), благодарение на одличната игра во одбраната, речиси перфектниот шут за два поени (70 отсто) и тандемот Богдан Богдановиќ-Бобан Марјановиќ за кој Русите не најдоа решение. Русија не успеа да победи во полу-финалето иако во своите редови го имаше брилијантниот Алексеј Швед.

Српските кошаркари против Русија имаа предност од првиот до последниот напад на мечот. Отворија со 5:0, а по влегувањето на Марјановиќ стигнаа и до двоцифрена разлика. Четири пати во текот на натпреварот Србија имаше позитива од 16 поени, но Русите успеаја да се вратат благодарение на добриот шут во второто полувреме.

На четири минути до крајот на натпреварот Русија успеа да се доближи на два поени негатива (75:73), Србите го одбија тој напад, а победникот го реши Богдановиќ на 105 секунди до истекот на времето најпрвин со тројка, а потоа и со соло акција кога ја однесе својата репрезентација на недостижни 83:76.

Србите целата последна четвртина ја одиграа без првиот плејмејкер Стефан Јовиќ кој го повреди скочниот зглоб.

На крајот Богдановиќ имаше учинок од 24 поени, 3 скока и 4 асистенции, а Марјановиќ 18 поени, 6 скока и 4 асистенции за 20 минути колку што мина на теренот. Голем придонес даде и Владимир Лучиќ со 13 поени и 8 скокови. Интересно сем Штимац сите српски играчи се запишаа во листата на стрелци.

Русија ја предводеше глваниот кандидат за МВП наградата, Швед со 33 поени, 2 скока и 5 асистенции. Покрај Швед кај Русија се истакнаа Андреј Воронцевич со 14 поени, односно Тимофеј Мозгов со 11 поени и 9 скокови.

Финалето на Евробаскетот ќе се одигра в недела од 20:30 часот, а ривал на Србија ќе и биде Словенија. Претходно од 16 часот за бронзениот медал ќе се борат Русија и Шпанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП