3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Езерки“ и „7/8“ на турнеја во неколку града низ Македонија

„Езерки“ и „7/8“ на турнеја во неколку града низ Македонија

Женскиот вокален етносостав „Езерки“ и оркестарот „7/8“, како дел од Хрватско-македонското друштво од Загреб, Република Хрватска, во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, а во покровителство на винарницата „Тиквеш“, ќе одржат мини-турнеја во неколку града во Македонија.

Турнејата почнува со настап во Тетово на 15 септември во Домот на култура „Иљо Антески-Смок”, потоа во Охрид на 16 септември во Домот на култура „Григор Прличев” и завршува во Скопје на 18 септември со настап во „Театар комедија”. Почетокот на сите настапи ќе биде во 19:30 часот, а граѓаните ќе ја имаат честа да ја слушнат македонската изворна музика во интерпретација на „Езерки“ и „7/8“. Освен концерти, ќе се прикаже и документарниот филм под наслов „Лудуваме за Македонија“.

Работејќи повеќе од 22 години, етносоставот „Езерки“ и оркестарот „7/8“ ја негуваат македонската традиционална и староградска музика. Досега имаат издадено четири студиски албуми: „Бакнеж“, „Мустра“, „Амфитеатар“ и „Ливингрум“, како и еден концертен албум под наслов „Спектакл“. Во подготовка е издание на „The Best Of“ албум како и нов концерт во Лисински во Загреб на 18 октомври. Ова нема да биде прв настап на „Езерки“ и „7/8“ во Македонија, кои во годините наназад имаат настапувано повеќе пати, а еден од нив е и настапот на 51. Рацинови средби во Велес.

„Ние лудуваме по Македонија, ние лудуваме по македонскиот народ, по вашата музика. Таков е и насловот на нашиот документарен филм, ‘Лудуваме за Македонија’. Нема ништо поубаво од тоа да настапуваме во Македонија пеејќи македонски песни. Благодарение на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и винарницата ‘Тиквеш’ со нивното покровителство, овозможено ни е уште еднаш да гостуваме во Македонија, а со тоа на народот му овозможија бесплатно да присуствуваат на нашите настапи. Македонската музика е белег кој мора да се зачува и да ја чуе целиот свет“, вели Лена Гапиќ од „Езерки“ и „7/8“, родум од Гевгелија, која, исто така, е и иницијатор за создавање на групата.

По овие три концерти се очекува да се зголеми соработката со македонските заедници и друштва надвор од државата и ќе им се посочи повеќе внимание на сите македонски граѓани кои живеат надвор од Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП