26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерството за финансии ги укина парите предвидени во буџетот за обнова на...

Министерството за финансии ги укина парите предвидени во буџетот за обнова на Универзална сала

За Универзална сала или Јавна установа конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје, како што ѝ е официјалното име, веќе со децении нешто се чека за да почне обновата. Досега се чекаа проекти, идејни, главни, скапи, поевтини, а откако конечно избраниот проектот е готов, Универзална сала е пред нова пречка.

Министерството за финансии, со ребалансот, ги укина парите за обновата предвидени во буџетот за 2017 година па судбината на салата влезе во политички игри. Реконструкцијата се најавуваше за оваа есен, но кратењето на парите ги стопира сите постапки. „Макфакс“ дојде до фотографии од најновиот проект за обнова на Универзална сала кои досега не се објавени.

„Во буџетот за 2017 година за Универзална сала биле предвидени 35 милиони денари. Од нив во првите четири месеци од годинава се потрошени 11.200.000 денари, за потребите за проект за изградба на нов објект. Тие се веќе исплатени, а останатите пари се укинати оти Министерството за култура оценило дека се работи за проект кој не е реализиран и не е во нивна надлежност “, велат од Министерството за финансии.

Од таму не добивме известување кому биле исплатени средствата.

Последниот проект за обнова на салата лани го најави Министерството за култура во соработка со Град Скопје и со Универзална сала по одлука на Владата. На прес-конференција поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска рече дека Универзална сала нема да се урива за да се гради целосно нов објект, како што до тогаш се најавуваше, туку дека постојниот ќе се реконструира. По смената на власта, од Министерството за култура велат дека немаат изградено конечен став за тоа што ќе се случува со салата.

„Генерално со ребалансот многу од обврските се укинати поради лошата кондиција на буџетот. За да изградиме став за идните чекори во врска со Универзална сала сакаме да ги преиспитаме сите постапки, да утврдиме кои се финансиските обврски, дали проектот е одржлив и да видиме дали кореспондира со нашите обврски. Во зависност од овие анализи ќе знаеме како да го направиме буџетот за 2018 година, кој е веќе во подготовка. Инаку, Универзална сала е целосно во надлежност на Град Скопје“, велат од Министерството за култура.

И Вера Бошковска, директорка на Конгресниот центар „Александар Македонски“, го посочува Град Скопје за решавање на иднината на објектот и вели дека е затечена од одлуката да се укинат парите за обнова на салата.

„Ние немаме ниту буџет, ниту можност сами да ја обновиме салата. Проектот е веќе готов, но како ќе постапиме понатака, ќе зависи од договорот со Град Скопје“, вели директорката Бошковска.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, смета дека Универзална сала е објект од национален интерес за кој средства треба да одвои Владата.

„Универзалната сала не е од интерес само на Град Скопје бидејќи е објект или институција низ којшто поминале сите позначајни музичари, театарски уметници и слично. Токму затоа претходната влада пристапи кон активности за реконструкција на салата со оглед на тоа што таа е затворена и не е во функција веќе подолг период. Се изработи еден проект во форма на јајце, којшто се покажа како многу скап. Бидејќи беше многу скап, Владата одлучи да се направи нов проект. Имаме и заклучок од Владата,  извадок од седница од Владата во кој се препорачува Конгресниот центар ‘Александар Македонски’ да пристапи кон реализација на новиот проект за Универзална сала. Тој нов проект е веќе направен и чини 12 милиони денари само проектот, без ДДВ, додека вредноста за реализација на тој проект е околу 15 милиони евра, исто така без ДДВ. Ние од Владата, односно од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска имаме допис во кој се препорачува на Конгресниот центар да почне со реализација на проектот ‘Универзална сала’ со тоа што во една од следните точки стои дека средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на Република Македонија и ќе бидат префрлени на Конгресниот центар во моментот кога ќе почне реализацијата или како што ќе стигнуваат ситуациите. Средствата беа предвидени во буџетот за 2017 година со оглед на тоа што проектот беше готов и требаше да се почне со реализација. Меѓутоа, за жал, со ребалансот и покрај нашето инсистирање и укажувањето во Министерството за култура средствата беа укинати. Веќе не постојат средства за реализација на овој проект.  Јас би апелирал, би барал од министерот за култура, господинот Алаѓозовски, и од новата влада на господинот Заев да ја преиспитаат својата одлука и градот Скопје да не го остават без Универзална сала бидејќи новиот проект сметаме дека е навистина реален проект којшто може да се реализира“, вели градоначалникот Трајановски.

Тој објаснува дека со последниот проект се задржува истата форма на Универзална сала со тоа што од страната се додаваат неколку сали за различни намени, паркирањето е решено на две нивоа под земја, и со овој проект, според него, салата ќе си го врати некогашниот сјај. Градоначалникот вели дека на Скопје му треба ваква сала оти сегашните се со капацитет од 600 до 800 седишта, за разлика од 1500-те седишта превидени во проектот.

Доколку Владата не одвои средства за Универзална сала, градоначалникот Трајановски вели дека Град Скопје нема да може самостојно да ја финансира реконструкцијата.

„Град Скопје нема можност сам да ја финансира реконструкцијата на салата со оглед на тоа што се работи за 15 милиони евра без ДДВ, од еден аспект, од друг аспект ова е пренесена надлежност од централната на локалната власт со Законот за децентрализација. Капиталните инвестиции во пренесените надлежности се обврска на Владата на Република Македонија“, рече градоначалникот Трајановски.

Три проекти за обновата стојат во фиока

Последната реконструкција на Универзална сала, која била пуштена во употреба на 1 јануари 1966 година, според записите, била во 1978 година, заради одржување на Конгрес на Комунистичката партија на Македонија. Од тогаш, салата е нечепната, а обновата е само во планови.

За обновата на овој објект има три готови планови. Во 2008 година „Архангел бојс“ направи проект за реконструкција на објектот со кој требаше да се задржи нејзиниот автентичен изглед и да се надгради. Владата тогаш  најавуваше дека се обезбедени 3 милиони евра за почеток на обновата која се најавуваше дека ќе чини околу 7 милиони евра, но планот остана само на хартија. Проектот беше актуелен сè до 2013 година, кога Министерството за култура и Град Скопје соопштија дека анализа на состојбата на Универзална сала направила екипа од Градежен факултет која утврдила дека сегашниот објект не може да издржи доградба и надградба. Тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, по анализата, на јавноста од пред Универзална сала ѝ соопшти дека ќе се прави нов објект за салата.

„ Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството на челичната и бетонската конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години. Такви дополнителни количества арматура и бетон, според општите параметри, може да се постават на објекти стари до 50 години. Ако се оди со реконструкција не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите, се планира да бидат од 2.500 до 3000“, рече министерката Канческа-Милевска во 2013 година.

Следуваше нов конкурс за идејно решение за сосема нив изглед на Универзална сала на кој како најдобро беше избрано решението на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кои Универзална сала ја нацртаа во форма на јајце. Проектот ги подели мислењата на фелата. Многумина уште кога беше презентиран проектот забележаа дека е неизводлив на истата локација и дека евентуална изведба би била прескапа. И покрај таквите забелешки, Министерството за култура на оглас побара фирма која ќе го изработи изведбениот проект. На првиот и на вториот оглас не се јави ниту една фирма, но во 2015 година на третиот оглас Министерството го избра Друштвото за планирање, градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Архи груп план“ за околу 405.000 евра да го изработи основниот проект за салата во форма на јајце. Друштвото доби рок од осум месеци за изработка на проектот.

Но, по истекот на рокот Министерството за култура и Град Скопје решија последниот проект да не се реализира оти е прескап. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, објасни дека за реализација на јајцето ќе требаат 60 – 65 милиони евра, па затоа одлучија да се вратат на првиот проект од 2008 година од „Архангел бојс“ со кој се задржува сегашниот изглед на салата, со доградба и надградба и за кој реализацијата би чинела околу 15 милиони евра, а безбедноста ќе се гарантира со зајакнување на челичната конструкција.

Лани Градежниот институт Македонија доби обврска да направи промени на стариот проект од 2008 година и да го прилагоди на сегашните услови околу салата. Проектот е готов, во него е задржана препознатливата купола, предвидени се 200 седишта повеќе, надворешна застаклена галерија на две нивоа, а паркирањето е решено под земја во две нивоа.

За да почне да се реализира, требаше да се распише оглас за избор на фирма изведувач, но ребалансот на Буџетот ги стопираше сите активности.

Салата затворена за посетители по трибината на Зоран Заев

Универзална сала две и пол години е затворена за посетители. Последен настан во салата беше трибината на СДСМ на 10 март 2015 година кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев побара оставки од Владата, од јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководството на Македонската телевизија, а ја пушти и осмата бомба за изборни нерегуларности.

По трибината, кога салата се испразнила, се откорнало големо парче од таванот и паднало врз седиштата. Тоа беше причина салата да се затвори за посетители. За поправки на таванот не се размислуваше поради најавениот нов објект за салата, во тој период актуелен беше проектот во форма на јајце.

Во истиот период салата беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“, конгресните сали добија имиња Гоце Делчев, Методија Андонов-Ченто, и Борис Сарафов, а билатералните сали беа крстени Панко Брашнаров, Кочо Рацин, Григор Прличев, Димитрие Чуповски, Крсте Петков-Мисирков и Браќа Миладиновци.

Универзална сала е копија на бугарскиот државен циркус

По земјотресот од 1963 година „Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје“ донела одлука за изградба на сала во која ќе се организираат манифестации откако увидела дека градот има таква потреба. Монтажниот објект е купен од бугарската компанија „Техноекспортстрој“ во 1964 година со пари донација од вкупно 35 држави. Проектот за салата е на бугарските браќа Јарослав, Љубомир и Владимир Станкови и нивната сестра К.Станкова-Мутафова. Го направиле за бугарскиот државен циркус, кој бил изграден две години претходно, во 1962 година во Софија, но изгорел во 1983 година.

М.И.Пачемска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП