12 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРок-музика на пијано – магнет за публиката во Ресен

Рок-музика на пијано – магнет за публиката во Ресен

Учениците од Школата за пијано во Ресен, која работи под закрила на Домот на културата „Драги Тозија“, приредија прекрасно музичко освежување во Ресенскиот сарај. 18 учесници од Школата, која веќе неколку години успешно работи и обучува деца, чија определба е пијаното, ги врати присутните во времето на незаборавните класици на легендарните групи „Битлси“, „Пинк флојд“, „Шкорпион“, „Металика“ и други.

„Концертот на Школата за пијано е уште еден во низата многубројни настани кои ова лето во Ресен и Преспа ги организира оваа културна установа. Домот на културата „Драги Тозија“ во изминатите неколку години беше носител на огромен број културни настани, кои во минатото можеа само да се замислат во Преспа. Домот на културата стана храм на ликовни изложби, концерти, промоции на книги и ред други настани кои денес оваа институција ја доведоа рамо до рамо со другите домови и центри за култура во земјата, а Ресен не е повеќе место кое е маргинализирано од културните случувања во земјата. За тоа потврда е и синоќешниот концерт, кој го посетија над 400 лица“, истакна директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, Васко Василевски.

Како придружба на младите пијанисти од Школата за пијано при Домот на културата беше вклучена рок-групата „Реприза“ заедно со вокалистот Јовче Воденичаровски.

Во рамките на концертот на ученичката Лила Миљовска од Ресен ѝ беше доделено посебно признание поради неодамна освоената трета награда на седмиот меѓународен натпревар во пијано одржан во Гевгелија. Миљовска е во класата на уметничкиот раководител Гоце Милошевски од Школата за пијано во Ресен при Домот на културата „Драги Тозија“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП