10 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОхридско лето ја враќа меѓуфестивалската размена на бившите ју-простори

Охридско лето ја враќа меѓуфестивалската размена на бившите ју-простори

Меѓународниот музичко-сценски фестивал Охридско лето ја враќа меѓуфестивалската размена на просторите на поранешна Југославија.

Порано, додека постоеше моќниот туристички сојуз во бившата федерација, заедно со концертната дирекција, имаше плодна меѓуфестивалска размена. Во неа беа вклучени, пред сè, Охридско лето, потоа Дубровничките летни игри, фестивалот во Сплит и некои други.

На ист трошок од светот доаѓаа славни имиња, кои го градеа глобалниот имиџ на културните манифестации.

По растурањето на заедничката земја, малку остана од традицијата, која, за среќа, Охридско лето не ја прекина.

Најплодна е соработката со Дубровничките летни игри, од каде што доаѓа театарот „Марин Држиќ“, дури и со претстави режирани од македонски режисери.

Летото 2013 фестивалот во Охрид беше свечено затворен со театарската претстава „Браќа Карамазови“ од Достоевски, во изведба на дубровничкиот театар „Марин Држиќ“, а во режија на Дејан Пројкоски.

Неодамна, во Охрид беше директорот на новосадскиот театар, Валентин Венцел, како гостин на фестивалот Охридско лето.

„Директорот Венцел доаѓа на Охридско лето за да гледа неколку театарски претстави на фестивалот, а најмногу да ја гледа претставата „Кралот Лир“ во изведба на Турскиот театар од Скопје затоа што во Нови Сад годинава ќе формираат фестивал на малцински театри“, вели Зоран Љутков.

Љутков, пак, кој е селектор на драмската програма на Охридско лето, беше на фестивалот на малцинските театри во Ниш.

Тој информира дека целта на посетата е да се разменат идеи и искуства кои ќе помогнат во успешно креирање на репертоарите на двете установи.

„Се надевам дека и од тој фестивал ќе извлечеме нешто за селекцијата на драмската програма на Охридско лето за в година“, додава Љутков.

Фестивалот на малцинските театри во Ниш ќе се одржи од 5 до 20 октомври.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП