26 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКупувате плац во Грција? Внимавајте да не завршите со казна од 95.000...

Купувате плац во Грција? Внимавајте да не завршите со казна од 95.000 евра како луѓево во Лептокарија

Сонувате за свој плац покрај море во Грција? Пред да направите чекор, информирајте се добро. Една неодамнешна случка во Лептокарија ги предупредува сите што размислуваат за ваков потег без претходна правна консултација.

Тројца државјани од Србија, кои купиле три соседни плаца во Лептокарија, сега се соочуваат со казна од вртоглави 95.000 евра. Причината е тоа што земјиштето не било градежно, а тие поставиле камп приколки, изградиле скари и тоалети – нешто што според грчките закони претставува нелегална градба.

Иако ваквите плацови често изгледаат како совршена можност за сопствено катче покрај морето, грчките закони се јасни. На земјиште кое не е категоризирано како градежно, не смее да се гради, ниту да се поставуваат приколки за издавање.

Според споделената информација на страната „Grčka info“, ваквите случаи се веќе под лупа на грчките инспекции. Луѓето често купуваат евтино земјиште, мислејќи дека можат слободно да постават камп-приколки за летување или за бизнис – но тоа веќе не поминува.

Освен казната, сопствениците се обврзани да ги отстранат сите објекти – што значи дополнителни трошоци и губење на целата инвестиција.

Што значи ова за македонските граѓани?

Голем број македонски граѓани последниве години покажуваат интерес за купување земјиште во Грција – особено на Халкидики, Паралија, Лептокарија и Олимпик Бич. Но, оваа ситуација е јасно предупредување: пред да купите, проверете дали земјиштето е градежно, кои се условите за градба, и дали е дозволено поставување на камп приколки или објекти.

Нема простор за импровизации. Грција ги заострува контролите, и не толерира прекршувања, особено кога станува збор за комерцијални намени, како издавање на камп приколки.

Еден турист од Скопје ни рече „Речиси дадов капар за земјиште во Платамона, но кога проверив со адвокат, се испостави дека не е за градба. Избегнав многу главоболки и можни казни. Луѓе, проверувајте сè двапати.“

Ако планирате инвестиција во недвижност во Грција – не заборавајте да се консултирате со адвокат, ангажирајте архитект и избегнете ризици што можат да ве чинат многу повеќе од самиот плац.

Паметно инвестирајте, не фрлајте пари залудно.

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП