18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПатувачкото кино на „Маке Докс“ тргна кон Порече

Патувачкото кино на „Маке Докс“ тргна кон Порече

Најромантичниот дел од активностите на Фестивалот на креативен документарен филм „Маке Докс“, патувачкото кино, годинава ќе се одржи од 12 до 25 јули, во 8 места во областа Порече, и тоа: село Крапа (12 јули), с. Девич (18 јули), с. Црешнево (19 јули), с. Требино (20 јули), с. Локвица (22 јули), с. Брест (23 јули), с. Косово (24 јули) и с. Манастирец (25 јули).

Патувачкото кино е дел од фестивалот „Маке Докс“ уште од првата година. Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „Маке Докс“ секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија.

Патувачкото кино на „Маке Докс“ и оваа година ќе биде вклучено во програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран од 14 до 16 јули 2017 година, кога ќе бидат прикажани повеќе наслови од музичко-документарната филмска програма на „Маке Докс“.

Првпат во рамките на патувачкото кино ќе биде вклучена и работилница за креативен документарен филм. Со наслов „Докуникулци“ на работилницата ќе учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и Битола.

Работилницата ќе се одвива во три сесии: првата ќе се реализира на „Д-Фестивал“ и во областа Порече за време на патувачкото кино, втората сесија ќе се случи за време на фестивалот „Маке Докс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје.

Осмото издание на патувачкото кино на „Маке Докс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП