30 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на девизните резерви – колку пари чува НБРМ?

Пад на девизните резерви – колку пари чува НБРМ?

Во јуни девизните резерви се намалиле за 48.6 милиони евра. На крајот на минатиот месец Народната Банка (НБРМ) чувала 2 милијарди и 399.9 милиони евра.

Од почетокот на годинава резервите имаат постојана тенденција на намалување – во јануари биле 2 милијарди и 557 милиони евра.

И во првата половина од минатата година резервите имаа тенденција на намалување пред се поради интервенциите што ги правеше НБРМ за да ја стабилизира побарувачката на девизи.

Трендот се промени во зголемување во втората половина од годината односно откако беше издадена Евро обврзницата на сума од 450 милиони евра во јули.

Според официјалните податоци на НБРМ рекордно ниво е постигнато во октомври кога девизните резерви достигнаа 2 милијарди и 729 милиони евра.

Најголем дел од резервите кои во моментов ги чува НБРМ се во форма на хартии од вредност (1.78 милијарди евра), потоа валути и депозити (372 милиони евра) и монетарно злато (241 милион евра).

Во НБРМ сметаат дека резервите се во стабилната зона.

„Намалувањето на резервите во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата, интервенциите на НБРМ, како и категоријата „останато“, што го вклучува и намалувањето на девизните депозити на домашните банки кај НБРМ“ се наведува во месечниот преглед што го објавува Народната Банка.

Девизните резерви освен во евра и американски долари се чуваат и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни. Оваа практика стана поизразена пред неколку години откако се засили кризата во Евро зоната.

Инаку девизните резерви ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Токму тоа и се случи во периодот март – јуни минатата година кога поради шпекулациите за наводна девалвација почна засилено повелување на депозитите од банките и претворање на денарите во евра. Тогаш НБРМ директно интервенираше на девизниот пазар, но воведе и низа други мерки кои до крајот на годината беа повторно релаксирани откако се стабилизираше девизниот пазар.

Гледано по години, во 2016-та девизните резерви пораснаа за 351 милион евра (издадена Евро обврзница), во 2015-та се намалија за 231 милион (отплата на доспеани кредити), во 2014-та се зголемија за рекордни 484 милиони евра (издадена Евро обврзница).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП