26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтернет трговија – поголем избор, помали цени

Интернет трговија – поголем избор, помали цени

Недоволна информираност и страв од злоупотреби – ова се главните причини поради кои Македонците многу малку купуваат на интернет иако online има поголем избор и помали цени.

Во земјава има само околу 700 регистрирани електронски продажни места, но во реалноста активно функционираат 30-на активни online продавници.

„Кај физичка продавница трошоците се многу поголеми, има кирии кои зависат од локациите, трошоци за сметки, за комуналии… Кај интернет продавниците контактот со купувачите е поефикасен, директно се насочуваат кон самиот производ“ објаснува маркетинг менаџер во online продавница.

Најмногу промет прават оние кои нудат групни попусти. За една зделка да успее, потребно е да се соберат доволно луѓе кои сочинуваат една група, врз чија основа добиваат попуст кој некогаш се движи од 50% до 90%. Само тогаш кога ќе се соберат доволно корисници, понудата се наплаќа и на e-mail-от на потрошувачот се испраќа купон кој и не е  потребно да се печати, може да се покаже и преку паметен телефон или таблет.

Сепак, домашните компании не можат да им конкурираат на светските гиганти особено за производите од широка потрошувачка. Македонците пазарат од Аmazon, АliЕxpress, Аsos и други популарни сајтови. Сепак, ако на евтините производи се додаде цената на поштенските услуги преку брза авионска пошта тие на крајот можат да чинат и до 30 пати повеќе. Поради тоа купувачите најчесто се одлучуваат за обична копнена пошта, пат кој чини по евро до две, во некои случаи и бесплатно, но пратките патуваат и до два месеца.

Опасност за измами и кражби на податоци секако има, но истото важи и кога одите во трговски центар со паричникот в џеб. Треба да важат општите мерки на претпазливост – да не се користат јавни компјутери во интернет кафеа, да се купува само од проверени и етаблирани online продавници, сигурноста на трансакциите е голема и постојано се надградува.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) лани на интернет најчесто се купувала облека и спортска опрема (54.7% од нарачките), потоа електронска опрема (16.3%), производи за домаќинство (13.1%), хотелско и друго сместување (9.7%), други аранжмани и патувања (7.3%). 8.2% од Македонците online купувале или нарачувале храна и прехранбени производи.

Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа (58.6% од купувачите), потоа од Македонија (40.8%), па од остатокот од Европа (20.7%).

Според ДЗС најголем дел од трансакциите на интернет, 43%, се во вредност од 50 до 99 евра. Потоа следат оние кои се помали од 50 евра, 33%, а 19% се помеѓу 100 и 499 евра. Не се регистрирани трансакции со поголема вредност од 1.000 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП