9 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЈубилејно издание на Актерот на Европа

Јубилејно издание на Актерот на Европа

Марсел Бозоне, легендата на францускиот и европскиот театар, која половина век со своите креации оствари брилијантна уметничка Одисеја, на 6 јули, во 21 часот, во амфитеатарот во Ресен ќе биде прогласен за актер на Европа 2017.

Во присуство на амбасадорот на Франција и претседателот на Светската асоцијација на театарски критичари, Жорж Бани, ќе биде прикажан документарен филм за лауреатот Бозоне, а во чест на јубилејот на фестивалот ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, и ректорот на Националниот универзитетот за филм и театар од Букурешт, Николае Мандеа, ќе потпишат меморандум за заедничка соработка.

Пред 15 години, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк помеѓу Македонија, Грција и Албанија, група европски и македонски интелектуалци го покренаа Интернационалниот театарски фестивал на бреговите н Преспанското Езеро, кој секоја година ќе го слави како голем подвижник на историјата, неговото величество актерот.
По оваа оригиналност Актерот на Европа е препознаен насекаде во светот, 15 години и величествените европски имиња Љуба Тадиќ, Брус Мејерс, Раде Шербеџија, Ана Патерсон, Милена Зупанчич, Јон Карамитру, Зијах Соколовиќ, Костас Гакидес, Ирина Евдокомова, Димитри Орготска и други, ја красат уметничката хронологија на овој реномиран фестивал.

По повод јубилејот ќе бидат доделени три Големи повелби, „Балканот – Срцето на Европа“, на личности коишто оствариле капитален придонес во основањето и развојот на фестивалот. Од Македонија со ова високо признание ќе се здобие поранешниот министер за култура и долгогодишен селектор на фестивалот Благоја Стефановски, публицистот од Косово Ќани Мехмеди и актерката од Грција Криса Јоаниду.

Поздравна реч до гостите и учесниците ќе упати градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски, којшто ќе ги додели наградите „Клучевите на Преспа 2017“ на Франсоаз Фитилис-Лабрус, француска режисерка со грчко потекло и академик Ристо Василевски, поет со меѓународно реноме.

Натпреварувачкиот дел ќе биде отворен со претставата „Идиот“ според делото на Достоевски, во изведба на академскиот театар од Букурешт, а во следните денови на фестивалот ќе бидат презентирани ексклузивни театарски остварувања од Бугарија, Косово, Србија, Франција, Грција, Хрватска. Жирито со кое претседава Мето Јовановски, на завршната вечер ќе ги прогласи победниците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП